ВИП вакцинација – се вакцинираат преку ред и го навлекуваат гневот од народот

58

Помина цела година откако светот почна да се бори против еден од најподмолните невидливи непријатели на денешницата. Иако вакцинацијата е голема надеж за ставање на ситуацијата под контрола, сепак светот е сведок на нерамномерна распределба на вакцините, но и на имунизирање преку ред.

Двајца министри во Перу и еден во Аргентина поднесоа оставка поради примање вакцина преку ред или давање повластен пристап до вакцините. Во многу земји од Јужна Америка се регистрирани токму такви пропусти, а New York Times пишува и дека такви скандали се забележани и во Либан, Шпанија, Филипините, САД…

Илјадници луѓе демонстрирале во повеќе градови во Аргентина поради скандал што го нарекоа ВИП вакцинација, поради којшто тамошниот министер за здравство беше принуден да поднесе оставка.

Гинес Гонзалес Гарсија поднесе оставка пред една недела на барање на претседателот, откако истрага покажала дека негови пријатели се вакцинирале преку ред против коронавирусот.

Демонстранти со натписи “Дај ми ја мојата вакцина“ и “Престанете да ги трошите нашите пари“ се собрале пред владиното седиште во Буенос Аирес.

Досега во светот од коронавирус заболеа над 114 милиони луѓе од кои има 2,53 милиони смртни случаи.

Фото: Pexels