Високи светски признанија за вината од Домен Лепово и Тиквеш

78

Domaine Lepovo Pinot Noir

Виното Домен Лепово Пино Ноар од бербата 2013-та година освои златен медал на најголемиот вински натпревар што се одржува во Германија – Мундис Вини.

Истовремено, ова вино кое токму деновиве се најде на винските карти на престижните ресторани и трговски објекти со големи вински секции е прогласено за Најдобро вино на натпреварот со потекло од Македонија, со што овој успех добива и дополнително значење за промоција на високиот квалитет на вината на Тиквеш, па и на македонските вина во светски рамки.

На истиот натпревар, кој е еден од најценетите во светот, со сребро се закити и Домен Лепово Шардоне од минатогодишната берба. Ова вино од бербата 2013-та е наградено со сребрен медал и на годинешниот натпревар Шардоне д Монд, што се одржува во Франција.

“Пред околу една година, со лансирање на првиот ексклузивен македонски вински бренд Домен Лепово отворивме ново поглавје во домашната винска индустрија, промовирајќи го концептот на висококвалитетни вина во ограничени количини произведени на истиот посед каде што се наоѓаат лозјата. Уште по првите берби, овие вина почнаа да се закитуваат со медали на најпрестижните светски натпревари, што јасно го покажува нивниот огромен потенцијал и квалитет и воедно уште еднаш ја потврдуваат нашата стратегија за развој која го фаворизира квалитетот наспроти квантитетот“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на Тиквеш.

На успехот на вината произведени во Домен Лепово се надополнуваат и новите награди што ги освоија врвните вина на винарската визба Тиквеш. На годинешниот натпревар Гренаж д Монд во Франција, белото вино Бела вода од бербата 2014-та е единствено наградено вино кое потекнува од вински регион надвор до Франција, Италија или Шпанија. Истовремено, на реномираните светски вински натпревари Мундис Вини во Германија и Шардоне д Монд во Франција, сребрен медал освоија и црвеното Александрија Куве 2013-та, како и пенливото вино Ергион од бербата 2012.

“Убедени сме дека сите овие награди дополнително ќе го подигнат реномето на Македонија како винска земја и ќе придонесат за зголемување на целокупниот извоз на квалитетно македонско вино во шишиња“, дециден е Илиевски.

Винарската визба Тиквеш секоја година на најпознатите светски вински натпревари освојува околу 50 награди, признанија и високи оценки од светски познати критичари со што го потврдува епитетот најнаградувана винарница во земјава, но и пошироко во регионот.

FOTO_Nagrada_Mundus vini_2013 Domaine Lepovo Pinot Noar