За своите досегашни залагања и исклучителниот придонес за соработката и пријателството меѓу двете земји, почесниот конзул на Република Финска во Република Македонија, Светозар Јаневски, доби високо одликување од финската држава: Орден Витез од прва класа на редот на финскиот лав, стои во соопштението.
Одликувањето на Јаневски со овој орден што го доделува претседателот на Финска, беше извршено од страна на амбасадорот на Република Финска за Македонија, неговата екселенција, господин Перти Иконен, на пригодна церемонија што се одржа во неговата резиденција во Белград.
“Ми претставува големо задоволство што во име на претседателот на Финска го доделувам орденот – Витез од прва класа на редот на финскиот лав, на господинот Светозар Јаневски за неговите големи заслуги во воспоставување на пријателските односи и соработката меѓу нашите две земји. Редот на финскиот лав го сочинуваат исклучителни личности кои го докажале своето лидерство во областите каде живеат и делуваат. Со целокупната своја работа и однесување, господинот Јаневски докажал дека неслучајно е дел од овој престижен ред“, истакна амбасадорот Иконен.
Одликувањата од редот на финскиот лав се востановени во 1942 година. Тие се еден од трите видови одликувања што ги доделува претседателот на Финска. Конкретно, ордените од редот на финскиот лав се доделуваат за воени и граѓански заслуги на истакнати личности за нивните исклучителни достигнувања. Ваквото високо одликување многу ретко се доделува на личности надвор од Финска.
“Да се биде дел од редот на финскиот лав за мене претставува голема чест, затоа што доаѓа од земја која докажала дека знае да ги препознае и соодветно да ги вреднува вистинските вредности. Би сакал да ја споделам заслугата за добивање на овој орден со оние што постојано се со мене и ми даваат огромна поддршка во сѐ што работам, а тоа е моето семејство, како и моите соработници. Ова признание претставува најдобра верификација за нашите напори, како и дополнителен поттик во изнаоѓање начини како да ги приближиме двете земји, Македонија и Финска, да научиме нешто повеќе едни за други и да најдеме можности за соработка во сите општествени области“, истакна Јаневски, заблагодарувајќи се за високото одликување.
Светозар Јаневски е почесен конзул на Финска во Македонија од 2005 година.