Вистинскиот “волк“ од Wall Street бара 300 милиони долари оштета

190

Џордан Белфорт, поранешниот брокер по чија животна приказна е снимен филмот Волкот од Wall Street (The Wolf of Wall Street), од продуцентите ќе бара 300 милиони долари отштета, пренесува ВВС.

Улогата на Белфорт ја толкуваше Леонардо Ди Каприо, а филмот доби номинација за Оскар и успешно помина во кино салите.

Причината поради којашто Белфорт сега решава да го тужи продуцентското студио Red Granite Production е тоа што бил излажан дека филмот е “легитимно финансиран“, кога ги продавал правата за својата приказна.

Еден од основачите на Red Granite Production, Риза Азиз, бил уапсен минатата година под сомнение за перење пари.

Педесет и седумгодишниот Белфорт тврди дека Азиз од него ги “сокрил тие злосторнички дела и извори на финансирање на филмот“, како и тоа дека бил “заслепен“ за вистинскиот извор на пари за филмот.

Холивудскиот продуцент Азиз е очув на поранешниот малезиски премиер Најиб Разак, кој е обвинет дека на своите банкарски сметки нелегално чувал 700 милиони долари.

Инаку филмот, чиј режисер е Мартин Скорсезе, е базиран на мемоарите на Белфорт, во коишто се опишува огромниот подем како млад брокер во Њујорк и неговиот пад, проследен со дрога, жени, корупција и измами.

Белфорт, кој помина 22 месеци во затвор поради злосторствата прикажани во филмот од 2013-та година, сега сака да го поништи договорот за правата, тврдејќи дека никогаш не би дал дозвола да знаел како ќе биде финансиран филмот. Тој бара 300 милиони долари оштета – износ што филмот го заработи од кино благајните.

Фото: Facebook