Витаминка минатата година ја заврши со добивка од 21,3 милиони денари

58

vitaminka-prilep

Прехранбената компанија Витаминка, во период од први јануари до 31-ви декември 2016 година, оствари вкупна сеопфатна добивка од 21.396.000 денари, стои во билансот на успех објавен на Македонска берза.

На крајот на 2015 година, добивката на компанијата изнесуваше 57.686.000 денари.

“Остварените единечни вкупни приходи во 2016 година изнесуваат 1.730.934.000 денари и во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 1%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени од продажба на производи и услуги од основна дејност, кои во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 3%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Вкупните приходи од продажба, во текот на 2016 година, изнесуваа 1.686.726.000 денари. На домашен пазар се реализирани 940.986.000 денари, додека на пазари во странство се остварени 745.740.000 денари.

Вкупните инвестиции во основни средства во 2016 година изнесуваат 211.069.000 денари. Во текот на истиот период, во компанијата се реализирани 20 нови вработувања.

Витаминка произведува: производи за ужина, чоколадни производи, слатки, бонбони, пудинзи, сладоледи во прав, шлаг крем, пастеризирани производи, кечап и мајонез, супи и сосови, други додатоци за храна, инстант производи, сирупи и филтер чаеви.