Витаминка од Прилеп ќе исплаќа дивиденда на своите акционери

34

vitaminka

Фабриката Витаминка Прилеп донесе одлука за употреба на добивката по оданочување за 2014 година.

Остварената добивка од редовно работење по оданочување, според одлуката, изнесува 52.641.641 денари.

Добивката се распоредува за резерви за инвестициони вложувања во износ од 38.804.141 денари, додека 6.150.000 денари се бруто износ за награди на менаџерскиот тим и раководен кадар.

Според одлуката за висина на дивиденда, Витаминка ќе исплати дивиденда во бруто износ од 7.687.500 денари, додека 6.918.750 денари во нето износ.

“Дивидендата за 2014 година изнесува 90,18 денари нето по акција или 100,20 денари бруто по акција, што во процентуален износ од номиналната вредност на акцијата е 3,09%“, се вели во одлуката за исплата на дивиденда за 2014 година.

Датум на пресек на акционерската книга, според која се определува листа на акционери кои имаат право на исплата на дивиденда за 2014 година е 19.06.2015 година.

Последен ден на тргување со право на дивиденда е 16.06.2015 година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда е 17.06.2015 година.

Исплатата на дивиденда ќе биде до 30.09.2015 година.