Витаминка од Прилеп прокнижи 62,2 милиони денари во 2018 година

193

Витаминка од Прилеп, во периодот јануари – декември лани, оствари вкупна сеопфатна добивка од 62.219.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Добивката на компанијата, заклучно со 31-ви декември 2017 година, беше на ниво од 32.098.000 денари.

“Остварените единечни вкупни приходи во 2018 година изнесуваат 2.295.237.000 денари и во споредба со остварените во 2017 година бележат пораст од 32%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 98%, имаат приходите остварени од продажба на производи и услуги од основна дејност, кои во споредба со остварените во 2017 година бележат пораст од 33%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Вкупните приходи од продажба на крајот на 2018 година достигнаа ниво од 2.254.535.000 денари. Поголемиот дел од 1.353.324.000 денари е остварен на домашен пазар, а остатокот од 901.211.000 денари е реализиран на пазари во странство.