ВИВА постојано инвестира во квалитетот на сопствениот бренд

1051
1
Ристо Јосифовски, комерцијален директор на Вивакс

“Со постојано истражување на пазарот, со развивањето на нови производи според потребите, желбите и вкусот на потрошувачите, со континуирано вложување во најсовремена опрема и во градењето на добра деловна клима со нашите партнери, развивме производи со висок квалитет, ценети од потрошувачите и стекнавме одлична видливост и позиционираност на пазарот”, вели Ристо Јосифовски, комерцијален директор на Вивакс.

БИ: Вива соковите се еден од најпрепознатливите брендови во Македонија. Компанијата Вивакс Постои одамна на пазарот и купувачите го ценат вашиот квалитет. Како се градеше брендот Вива?

Приказната за Вива соковите започнува да се создава во 1994 година со основање на компанијата Вивакс за производство на природни овошни сокови, нектари и пијалаци. Од самиот почеток, целта ни беше – производство на сокови со висок квалитет и создавање на добро познат македонски бренд, кој ќе биде препознатлив, не само на македонскиот пазар, туку и пошироко. Компанијата и брендот ги градевме врз основа на вредности кои што се зацврстуваа низ годините и станаа темелни вредности на Вивакс, а тоа се позитивен однос кон природата и кон нашите потрошувачи. Својата работа ја започнавме со само два производа, а денес можеме да се пофалиме со повеќе од 50 производи во своето портфолио, што нè прави единствен македонски производител со најголем асортиман на природни сокови. Тоа се должи на динамичниот раст и развој што го постигневме во овој период. Со постојано истражување на пазарот, со развивањето на нови производи според потребите, желбите и вкусот на потрошувачите, со континуирано вложување во најсовремена опрема и во градењето на добра деловна клима со нашите партнери, развивме производи со висок квалитет ценети од потрошувачите и стекнавме одлична видливост и позиционираност на пазарот.

БИ: Што е она што ги прави вашите производи посебни? Опишете го накратко производниот процес. Што претходи на освежителниот сок што го има на трпезите на секое семејство во Македонија?

Дваесет и две години работиме посветено да изградиме бренд, но многу поважно е дека позади тој бренд е производ со висок и загарантиран квалитет. Нашиот принцип на деловно работење е континуирано вложување во модернизација на производствените процеси, во одржлива и здрава организациона структура. Затоа, денеска сме компанија со најсовремена технологија за производство на овошни сокови и нектари. Процесот на производство е функционален и ги исполнува сите санитарно-технички, како и технолошки предуслови за модерно производство. Сè се одвива во една постојано надгледувана и контролирана линија на движење. Контролата е сеопфатна и постојана и во согласност со имплементираните стандарди за безбедност на храна. Долго пред да започне производството, внимателно се избрани сите наши суровини и добавувачи. Лабораториското испитување е потврда дека се исполнети високите стандарди на Вивакс и се пуштаат во употреба исклучиво откако ќе ги поминат сите тестови. Испитувања за квалитет се вршат и во текот на производството, и тоа во неколку фази. Покрај тоа, примероци од производите на Вивакс се испраќаат и во надворешни акредитирани лаборатории за дополнителна анализа. Постигнувањето на највисоко ниво на квалитет за нашите производи се должи на контрола на квалитетот на суровините, контрола во интерната фаза на производствениот процес и финална контрола на готовиот производ. Сето тоа придонесува во постојано усовршување на квалитетот на производите.

2

БИ: Во што се разликувате од другите? Како се справувате со конкуренцијата и во време на криза?

Нашата филозофија уште од самиот почеток, откако ја основавме компанија и се одлучивме за производство на овошни сокови и нектари, беше да создаваме единствени и квалитетни освежителни пијалаци и тоа да ни биде наш поттик и инспирација. И токму водени од оваа цел се одлучивме за развојна стратегија што вклучува постојана инвентивност и креација на нови производи, единствени по вкус и квалитет. Во изборот што го правиме се раководиме од потребите на пазарот и сознанијата добиени од анализи и истражувања, барањата и желбите на купувачите и нашето лично искуство и знаење за трендовите и иновациите во индустријата и потрошувачките навики. Така, во нашата работа ние едноставно ги слушаме и ги следиме трендовите и барањата на купувачите и на пазарот. А довербата што ја добиваме како одговор од потрошувачите, ни дава дополнителен стимул постојано да инвестираме во нови технологии, во современи машини, да продолжиме со развивање нови производи, континуирано да вложуваме во производство, но и во вработените кои се вклучени во создавањето на сето тоа.

БИ: Имате широка палета на производи, сокови со различни вкусови, во различни пакувања, ледени чаеви… Што е следно?

Факт е дека нашето портфолио видно се зголеми и дури се проширивме во други сегменти. Причината за тоа е што во годините се стекнавме со понатамошно знаење, know-how и технологија што ни дава сигурност и нè уверува дека можеме да создадеме уште многу интересни производи. Нашите производи се дистрибуираат низ водечките домашни и меѓународни дистрибутери. Вива соковите може да се најдат на рафтовите од најголеми маркети, па сé до најмалите локални продавници, во магацини на големо, во ресторани, бензиски пумпи, болници, во  образовни установи (градинки, основни и средни училишта, универзитети…), како и во најразлични други институции во државата. Вива производите успешно се извезуваат и во повеќе од 20 земји ширум светот. Врз основа на сето ова, логично би звучело дека ќе се движиме во правец на зголемување на асортиманот, на производството, на зголемување на достапноста и присутноста. А најмногу од сè, на зголемување на понудата и на квалитетот на нашите производи.

3

БИ: Вивакс е семејна компанија, во сопственост на фамилија Јосифовски. Кои се предностите и лошите страни на фамилијарниот бизнис и како се носите со големите европски брендови?

Без дилеми и без и најмал сомнеж, семејниот бизнис нема лоши страни. Кога станува збор за семеен бизнис, зборуваме само за предности, за заедничка цел, за единство на мотивација, за многу идеи и иницијативи каде и како да се продолжи понатаму со развојот на компанијата. Основање на компанија и нејзино надградување во рамките на едно семејство, барам кога станува збор за нашиот пример, значи и создавање на можности во однос на комуникација што другите компании ги немаат. Во тој контекст можам да кажам дека многу од она што денес се вредности на компанија се наследени од семејните односи и вредности што ги имаме и негуваме меѓу нас самите. Тие се пренесени и на вработените во компанијата, така што врз тие позитивни вредности ја градиме целата комуникација на компанијата и на брендовите, нашиот однос кон потрошувачите. Ваквата блиска и непосредна комуникација што ја овозможува компанијата изградена врз издржан систем на вредности е привилегија и предност што  ја немаат сите брендови.

БИ: Што би им препорачале на младите претприемачи кои во денешни услови се обидуваат да го развијат својот бизнис?

Да се раководат од својата интуиција, да бидат храбри и одлучни, да воспостават систем на вредности во својата компанија, да комуницираат со своите вработени и потрошувачите. Да инвестираат во својата компанија, да вложуваат во модернизација, да држат чекот со интернационалните трндови… И, она што би го издвоил можеби како најважно – постојано да се едуцираат, да стекнуваат нови знаења, да извлекуваат поуки од сопствените грешки. Знаењето ги отвора сите врати на успехот, дава одлучност и сигурност за справување со секоја ситуација во едно деловно секојдневие: дали тоа би било избор на производ, на пазар, на добавувач. Покрај сето тоа, во денешните бизнис односи се ценат и инвентивноста, креативноста и оригиналноста.