Vivid&Shine: Хрватски старт – ап кој помага на стартапи

13

start ap

Во Загреб е основана малку необична фирма, која, меѓу другото, на едно место им нуди се што им е потребно на почетните бизниси. Основачот на компанијата Vivid&Shine, Бруно Блуменшајн, одлучил на едно место да собере дизајнери, правници, луѓе со искуство во маркетингот и финансиите.

“Додека инкубаторите нудат одлични можности во вид на простор и делумна едукација, почетниците и идните почетници немаат со кого да седнат и да ја разгледаат својата идеја, план и визија. Немаат со кого да ја поделат работата, а таа е огромна – од поставување на бизнис моделот, дизајнот, промоција, до правен дел и уште многу други сегменти кои се важни и не смеат да се запостават”, вели Блуменшајн, пишува Т-портал.

Стартапите, по правило, немаат многу пари на располагање. Затоа Vivid&Shine најчесто договара влез во сопственичката структура на проектот.

“Поради ваквиот модел на соработка, првенствено гледаме да се согласуваме со клиентот. Потоа ја проценуваме идејата, планот и можноста за соработка, а на крај и како краткорочно и долгорочно ќе се вклопи во финансиската слика на нашата фирма”, вели Бруно и додава дека доколку основачите сакаат целосна сопственост, постои опција да ги платат нивните услуги по пазарна цена.

Бруно и екипата сакаат да станат препознатливи во Хрватска, Србија и БиХ. Ги интересираат само стартапи кои гледаат на глобалниот пазар. Според нив, не постојат хрватски, германски или фински стартапи, туку само успешни и неуспешни.