Виз Ер Скопје 5км ќе се трча на 20 септември

17

Со почетокот на првиот есенски месец, организаторите на маратонот официјално ја најавија претстојната ревијална 5км трка.

„Виз Ер Скопје 5км трка ќе се оддржи на крајот на септември низ скопските улици, а ние ги покануваме сите поддржувачи на трчањето, сите аматери и професионалци со спортски дух, и млади и стари, да се здружиме заедно и на 20 септември во 09.00 часот на улицата Димитрие Чуповски (во близина на Рекорд) да застанеме на стартната линија и да ги истрчаме 5те км низ нашиот град. Нема да има пријавување, ниту ќе се наплаќа стартнина, бидејќи трката е од отворен тип и нема натпреварувачки карактер. Ќе може да учествува секој, без разлика дали имале стартен број или не на Виз Ер Скопскиот маратон 2015. Сепак оние кои се во можност, ги замолуваме да се појават со стартните броеви и со маиците од Виз Ер Скопскиот маратон за поддршка на овој настан. Да покажеме дека Виз Ер Скопски Маратон ќе продолжи да пулсира со срцето на градот и сите негови поддржувачи. #SKMtogether #BeActive,“ изјави Кире Синадиновски, директор на Скопскиот Маратон.

Во организација на Скопскиот маратон, Град Скопје и Сојуз на Спортови Скопје, трката ќе трае до 10.00 часот, а патеката на трчање е иста како за трката на 5км на Виз Ер Скопски Маратон 2015 (ул. Димитрие Чуповски, бул. Климент Охридски, бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, ул. Теодосиј Гологанов).

Оваа ревијална Виз Ер Скопје 5км трка е дел од Европската недела на спортот која е поддржана и организирана од Европската Комисија. Македонија преку оваа трка е дел од спортските активности кои ќе се случуваат во Европа во периодот од 7 до 30 септември 2015.

Трката е и дел од календарот на спортски настани http://ec.europa.eu/sport/week/  и е една од 116-те улични трки кои се одржуваат во 34 европски земји. Мотото на Европската недела на спортот е да бидете активни, затоа на 20 септември #BeActive.