Вкупните девизни резерви во јануари изнесуваат 2,55 милијарди евра

9

evra-50

Вкупните девизни резерви на крајот на јануари достигнаа 2.557.100.000 евра, што е за 56,3 милиони евра помалку во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

Истиот период претходната година, државните девизни резерви изнесува 2,2 милијарди евра.

Најголем дел од девизните резерви зафаќаат хартиите од вредност, коишто заклучно со 31.01.2017 година беа на ниво од 2.159.500.000 евра или за 58,1 милиони евра повеќе во однос на декември 2016 година. На крајот на јануари 2016 година, салдото на хартиите од вредност изнесуваше 1.763.000.000 евра.

Монетарното злато на крајот на јануари имаше вредност од 249.400.000 евра, односно 6,2 милиони повеќе во споредба со декември лани. Државното злато во јануари лани вредеше 223.100.000 евра.

Валутите и депозитите заклучно со 31.01. имаа вредност од 143.400.000 евра или 120,7 милиони евра помалку од претходниот месец.

Девизните средства се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за директно финансирање на нерамнотежата во платниот биланс и индиректно регулирање на таквата нерамнотежа преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс.

Девизните резерви, како средства со кои располагаат и се контролирани од страна на монетарните власти, се состојат од: монетарно злато, специјални права на влечење, резервна позиција кај ММФ и девизи.