Вкупните турски инвестиции во Македонија изнесуваат околу две милијарди евра

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари средба со министерот за трговија на Турција Омер Болат кој е во еднодневна посета на Северна Македонија.

На средбата која што се одржа во Министерството за економија и труд двајцата министери разговараа за трговските и економските односи помеѓу Турција и Северна Македонија, како и за развивањето и продлабочувањето на овие односи.

Како што потенцираше министерот Дурмиши на состанокот, Република Турција е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори како стратешки инвестициски партнер.

„Податоците за трговска размена покажуваат дека Република Турција минатата година е рангирана на 7-то место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Се надевам дека во наредниот период оваа соработка дополнително ќе се продлабочи“ кажа Дурмиши на средбата и додаде дека во првите десет месеци од 2024 готина вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Турција изнесува  747,5 милиони евра што е зголемување за 10,4% споредено со првите 10 месеци од 2023 година

Министерот Дурмиши подвлече дека вкупните турски инвестиции во Македонија изнесуваат околу две милијарди евра. Турските инвеститори сочинуваат 38 отсто од вкупните странски инвестиции во земјава. Турција е наш петти партнер според инвестициите и седми во однос на трговијата.

На состанокот беше истакнато дека економската соработка меѓу двете земји е добра, но капацитетот не е доволно искористен. Мора да се работи на поврзување меѓу малите и средните фирми во речиси сите сектори

Страните на овој состанок се осврнаа и на можностите за соработка меѓу двете земји, а беше упатен и апел за зголемување на инвестициите

Двајцата министери разговараа и за поголемо учество на турските фирми во македонски инфраструктурни и енергетски проекти во насока на зголемување на инвестициите во Северна Македонија