Вкупно 24 медали за Тиквеш и Tikveš Châteaux & Domainеs на трите најголеми светски вински натпревари ова лето

96

Винарската визба Тиквеш уште еднаш ја потврди својата лидерска позиција како најтрофејна винарница во Југоисточна Европа. На трите најголеми и најпрестижни светски вински натпревари што неодамна се одржаа во Европа и Азија, врвните вина на Тиквеш и Tikveš Châteaux & Domainеs освоија 24 медали, а со медал се закити и познатата тиквешка Лозова ракија VS, стои во соопштението.

Најголем број награди, од кои дури шест златни, два сребрени и три бронзени медали се освоени на најголемиот вински натпревар во Кина – China Wine & Spirits 2020. На овој престижен натпревар, во конкуренција на вина од 55 земји, со златен медал се наградени: црвеното Barovo 2017, белото Barovo 2019, белото Bela Voda 2019, розе виното Domaine Lepovo Rosé 2019, како и розето Mistral au Jardin 2019 и црвеното Terrasse à l’Ombre 2018  од француската винарница на Тиквеш, Château de Gourdon.

Дополнително, на летната сесија на еден од најголемите вински натпревари што се одржуваат во Европа – Mundus Vini, во конкуренција од 11.000 вина од целиот свет, вината на Tikveš Châteaux & Domainеs освоија три златни и еден сребрен медал. Конкретно, во овој натпреварувачки циклус на Mundus Vini, златни медали освоија: црвеното Barovo 2017, белото Domaine Lepovo Chardonnay 2019 и црвеното вино Тerrasse à l’Ombre 2018.

Претходно, на реномираниот интернационален натпревар за вино и жестоки пијалаци (International Wine and Spirit Competition – IWSC), што се одржа во Лондон, Велика Британија, производите на Тиквеш и Tikveš Châteaux & Domainеs, освоија вкупно девет медали, две сребрени и седум бронзени.

Од почетокот на оваа година и покрај ограничувањата и предизвиците што ги донесе кризата со Ковид-19, вината на Тиквеш и Tikveš Châteaux & Domainеs освоија вкупно 50 медали на најпрестижните светски вински натпревари што се одржуваат во Франција, Германија, Велика Британија и Кина, со што винарската визба Тиквеш одново го потврди успехот од минатите години, потврдувајќи и зацврстувајќи ја својата репутација на најуспешен производител на автентични вина со врвен квалитет.