Вкупно 27 бесплатни проекти за изградба на фарми и насади

82

nasad

Фото: Pexels

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготви 27 стандардизирани проекти за изградба на сточарски фарми, мандри и силоси и за подигнување на овошни и лозови насади со кои земјоделците ќе можат да аплицираат за средства од ИПАРД 2 програмата и Програмата за рурален развој, јавува Миа.

Министерот за земјоделство Михаил Цветков денеска изјави дека проектите се бесплатни и може да ги добијат сите заинтересирани земјоделци. Проектите електронски ќе бидат доставени и до подрачните единици на Министерството за земјоделство.

“Изготвувањето на еден ваков проект чини од пет до десет илјади евра. Со ова им помагаме на земјоделците да не даваат пари за изготвување на вакви проекти“, рече министерот Цветков.

Проектите ги содржат сите потребни елементи за изградба на една фарма и за подигнување на насади и колку ќе чини таа инвестиција.

За сточарите се изработени 15 проекти за отворање мини фарми за 10 и 20 маторици, за 30 и 50 гојни грла говеда, за 10, 20 и 30 молзни крави, за 100 и 300 молзни кози, за 100 и 300 молзни овци, како и проекти за мандри и за типски фарми за бројлери од 250, 500 и 1.000 метри квадратни.

На земјоделците на располагање им се и пет изработени проекти за лозови насади од винско грозје и од трпезно грозје на шпалиран систем, за лозов насад од трпезно грозје на одрински систем на одгледување, за воспоставување систем за наводнување капка по капка и за воспоставување заштитни мрежи на лозов насад.

Во делот на овоштарството изработени се проекти за пет видови овошни насади како што се јаболко, праска, круша, цреша и лешник и проекти за системот „капка по капка“ и за заштитни мрежи на овошен насад.

Со цел да им се овозможат услови на производителите на житни култури да ги складираат житариците и да ги продаваат тогаш кога ќе им одговара цената, направени се проекти за изградба на силоси од 25, 50, 100, 250, 500 и од 1.000 тони.