Владата ќе ја олеснува регулативата за бизнис ангелите

123

Министерство за економија подготвува измени на Законот за трговските друштва за да се олеснат инвестициските активности на таканаречените бизнис ангели.

Во објавата за подготовката на законските измени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) се вели дека активностите на бизнис ангелите се забележуваат во последните години во нашата земја, како во однос на тоа што постојат на хартија (првата мрежа се појавила во 2011 година), така и во делот на реализирани инвестиции во старт-ап компании во државата.

“Меѓутоа, бизнис ангелите кои што сакаат да инвестираат во трговски друштва, се соочуваат со определени пречки во Законот за трговските друштва кои што можат да ги предомислат во идејата да инвестираат. Член 29 од Законот за трговски друштва, може да го блокира инвеститорот во основање на наредна компанија, доколку претходната во која инвестирал има блокада на жиро сметка т.е. е презадолжена. Оваа пречка не е логична бидејки инвеститорите не се занимаваат со секојдневното работење на компанијата во која инвестирале. Другиот проблем се јавува во тоа што, при секоја инвестиција бизнис ангелите со самото инвестирање мораат да влезат во сопственичка структура со земање на удел“, се вели во образложението од Министерството за економија.

Како главни цели на законските измени се наведени поттикнување на поголема иновативост и развој на целокупниот старт-ап еко систем, преку развој на нов пристап за финансии за старт-ап компаниите, пренесува Мета.