Тврдењата објавени во американскиот магазин Daily Meal, дека на синџирот за брза храна McDonald’s наводно му е забрането да работи во Црна Гора, се апсолутно неосновани, соопштија од Бирото за односи со јавност на Црна Гора.
Шефот на црногорското биро за односи со јавност, Срѓан Кусовац, изјавил за агенцијата Мина дека на ниту една компанија, па ниту на McDonald’s не им е „забрането“ да работат во Црна Гора.
„Напротив. На сите странски инвеститори во нашата земја им е гарантиран еднаков законски третман како и на домашните инвеститори. Странските инвеститори може да основаат нова компанија, да инвестираат или да купат веќе постоечка компанија или да инвестираат во дел од компанија“, рекол Кусовац.
Тој на прашањето дали компанијата McDonald’s контактирала со црногорската Влада во врска со евентуално отворање на ресторан, одговорил дека не станува збор за дејност која е поврзана со Владата.