Влезот во еврозоната и Шенген го зголемува интересот на странците за хрватските недвижности

69

Цените на недвижностите во последните години значително пораснаа и во Хрватска. Воведувањето на еврото од 1 јануари нема значително да се одрази на нивните цени, но влезот на Хрватска во Шенген зоната ќе го зголеми интересот на странците за купување недвижен имот, оценуваат за СТА директорите на двете најголеми агенции за недвижности во земјата.
По воведувањето на еврото, цените најверојатно ќе се корегираат во нагорна линија, иако пазарот на недвижности во Хрватска веќе подолго време работи во евра, односно цените се соопштуваат во евра, а се плаќаат во куни.

– На странците ќе им биде полесно да пресметуваат во сопствена валута. Исто така, многу полесно ќе се вршат трансакции отколку трансакции со курсна разлика, бидејќи купувачот мора да ја плати сумата во куни според договорениот курс за да купи недвижен имот во Хрватска, објасни Серхио Сердарушиќ од агенцијата Евровила за агенцијата СТА.

И Борислав Вујовиќ од агенцијата Оперета смета дека воведувањето на еврото во Хрватска нема да биде клучен фактор за цените на недвижностите.

– Сепак, психолошката бариера што може да постои поради конверзијата, која има своја цена, дефинитивно ќе исчезне, додаде тој.

Шенгенот ќе влијае на пазарот во смисла дека на луѓето од околината ќе им биде полесно да дојдат во Хрватска кога нема повеќе гранични контроли, што исто така треба да ја зголеми побарувачката, рече Сердарушиќ. Тој очекува поголем интерес за купување недвижен имот по влезот на Хрватска во Шенген зоната и последователно зголемување на цените.

Според агентите за недвижности, странците во Хрватска почесто купуваат недвижен имот како инвестиција, а не за лични потреби. Странците повеќе купуваат недвижности како инвестиција за изнајмување, со оглед на тоа што даноците се многу ниски и рамни, а недвижноста често ја продаваат по повисока цена веднаш по купувањето, објасни Сердарушиќ.
Тој додаде дека странците купуваат исклучиво на приморје, а има многу малку трансакции во внатрешноста на Хрватска и Загреб.