Вложувањата во неживотно осигурување надминаа 10 милијарди денари, продажбата на полиси зголемена за 16%

73

Осигурениците и осигурителните компании лани склучија над 1,71 милиони договори за осигурување вредни над 10,5 милијарди денари. Најпопуларно меѓу сите неживотни осигурувања останува приватното здравствено осигурување кое три години по ред има најголем раст на продажба. Од сите доброволни класи и понатаму најмногу се вложува во осигурување имот. Најголемо учество во вкупната продажба и минатата година има задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Од сите 11 компании за неживотно осигурување дури десет друштва лани бележат раст на приходите од продажба на осигурителни полиси

Вредноста на вложувањата во сите класи на неживотно осигурување надмина 10,5 милијарди денари (171 мил.евра) во 2022 година. Осигурителниот пазар лани пораснал за 9,2 отсто односно за 14,3 милиони евра во споредба со 2021 година, покажуваат податоците што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат друштвата за неживотно осигурување.

Сите 11 друштва за неживотно осигурување лани склучиле над 1,71 милиони договори за осигурување и тоа е за 16 отсто подобар резултат од претходната 2021 година.

Во најголемата доброволна класа – осигурување имот лани се вложени вкупно 2,1 милијарди денари (34,3 мил.евра). Склучени биле над 145.000 договори за осигурување имот, а продажбата на полиси за оваа класа лани бележи благ пад од 2,7 отсто.

Најголем раст на вложувањата има кај дополнителното (приватно) здравствено осигурување. Ова останува да биде најпопуларна класа на доброволно осигурување која трета година по ред бележи најголем раст на продажба. Лани продажбата пораснала за 68 отсто, го продавале десет осигурителни компании, а од продажба на договори за здравствено осигурување инкасирале 679,6 милиони денари (11 мил.евра).

Забележителен раст лани бележат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупната вредност на вложувања во оваа класа пораснала за 12 отсто и достигнала 994 милиони денари (16,2 мил.евра).

Во патничко осигурување (туристичка помош за патување во странство) граѓаните лани вложиле 229,3 милиони денари (3,7 мил.евра). Продажбата на овој производ лани пораснала за 55 отсто во споредба во претходната година.

Најголема осигурителна класа и лани останува да биде осигурувувањето од автомобилска одговорност. За задолжително осигурување од автомобилска одговорност склучени се 665.000 договори во вредност од 3,83 милијарди денари (62,3 мил.евра). За патување во странство осигурителите издале над 235.000 зелени карти за кои осигурениците платиле 1,15 милијарди денари (18,7 мил.евра). Во гранично осигурување лани осигуреници вложиле 129,5 милиони денари (2,1 мил. евра).

Во вкупната продажба на полиси за осигурување лани „Триглав осигурување“ учествува со 14,4 отсто, „Уника„ со 10,9 отсто, „Еуролинк“ со 10,7 отсто, „Сава осигурување“ со 10,2 отсто, а АДОР „Македонија ВИГ“ со 9,5 отсто. Следува „Винер ВИГ“ со 9,3 отсто, „Евроинс осигурување“ со 9,2 отсто и „Кроација осигурување – неживот“ со 9 отсто, „Осигурителна полиса“ со 6,8 отсто, „Халк осигурување“ со 6,6 отсто и „Граве неживот“ со 3,4 отсто.

Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година. Десет од вкупно 11 друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во споредба со 2021 година.