Внимание на Волстрит: „Ова е затишје пред бура“

На Волстрит, берзанските индекси останаа речиси непроменети во вторникот, бидејќи инвеститорите се претпазливи од бранот квартални деловни извештаи од компаниите, кои веројатно нема да бидат многу светли бидејќи економскиот раст забавува.

Dow Jones загуби 0,03 отсто, на 33.976 поени, а Nasdaq индексот загуби 0,04 отсто, на 12.153 поени. S&P 500 зајакна, од друга страна, за 0,09 отсто, на 4.154 поени.

Стагнацијата на индексот е резултат, меѓу другото, и на послабите од очекуваните деловни резултати на инвестициската банка Голдман Сакс и на производствениот гигант Џонсон и Џонсон.

„Ова е затишје пред бура“
Првите резултати на компаниите од составот на индексот S&P 500 најавуваат мрачна сезона на деловни извештаи додека економскиот раст забавува.

Очекувањата не се многу светли. Според најновите проценки на аналитичарите во истражувањето на Ројтерс, заработката на компаниите од индексот S&P 500 ќе биде за 4,8 отсто помала во првиот квартал отколку во истиот квартал минатата година.

„Ова е смиреноста пред бурата. Во следните недели компаниите ќе објавуваат извештаи, а инвеститорите бараат да видат дали има потенцијал за раст на пазарот или не“, рече Бред Мекмилан, директор на Комонвелт финансиска мрежа.

Дополнително, инвеститорите ги следат вестите кои би можеле да укажат на тоа што ќе направат лидерите на американската централна банка на нивната седница на почетокот на мај.

Фото:Facebook