Внимавајте при прекинување на животното осигурување: Овие работи мора да ги знаете

373

Животот е полн со пресврти, подеми, падови и многу изненадувања. Колку и да се трудиме, не можеме да бидеме целосно спремни за секој предизвик со којшто се соочуваме. Одредени ситуации нè поттикнуваат повторно да размислиме за некои одлуки што внимателно сме ги донеле во минатото.

Една таква одлука е одлуката за животно осигурување. Осигурувањето на живот е вид осигурување кај кое престанокот или траење на животот на едно или повеќе лица (осигурени) доведува до исплата на осигурената сума од страна на осигурувачот. Осигурувањето на живот претставува договор со којшто осигурителот се обврзува да му исплати на корисникот на осигурувањето одредена сума или рента во случај на смрт на осигуреникот или во случај на негово доживување на договорениот временски период.

Во праксата најчесто се среќаваме со следните видови полиси за осигурување на живот:

  • Осигурување во случај на смрт (ризико)
  • Осигурување во случај на доживување
  • Мешано осигурување
  • Рентно осигурување

Доколку е склучена полиса за Осигурување во случај на смрт, т.н. ризико полиса, осигурената сума се исплатува на корисникот или корисниците на осигурувањето само во случај на смрт на осигуреникот во договореното траење на осигурувањето. Доколку осигуреникот го доживее рокот на којшто е склучена таквата полиса или настапи смрт после датумот назначен во полисата како датум на истек на осигурувањето, тогаш тој нема право на исплата на осигурената сума. Долната граница на пристапна старост на осигуреникот за осигурување на живот каде што е вклучен ризикот од смрт најчесто е 14 години, а горната граница на пристапна старост е 65 години и при тоа можат да се осигураат потполно здрави лица. Додека, пак, болни лица и лица постари од 65 години можат да се осигураат исклучиво со лекарски преглед и врз основа на посебни услови за осигурување на зголемен (анормален) ризик.

Кај полисата за Осигурување во случај на доживување, осигурената сума се исплатува само во случај ако осигуреникот го доживее договорениот рок. Доколку кај осигуреникот настапи смрт за време на траењето на договорот, корисникот, односно корисниците од полисата за осигурување немаат право на исплата на договорената сума. Во праксата овој вид осигурување најчесто се договара во комбинација со поврат на уплатената премија во случај на смрт.

Кај полисата за мешано осигурување, осигурената сума се исплатува на корисникот или корисниците на осигурување доколку кај осигуреникот настапи смрт за време на траењето на осигурувањето или, пак, на крајот на договореното траење на осигурувањето, доколку осигуреникот е сè уште жив. Со склучување на полиса, осигуреникот има право на исплата на одредени периодични (месечни, квартални, односно годишни) износи во текот на одреден период или доживотно, во зависност од видот на полисата. Висината на рентата е однапред одредена во договорот, а може да биде еднаква во секој период, растечка или опаѓачка. Почетокот на исплата на рената може да биде после потполна уплата на премијата, веднаш или по истекот на одредено време утврдено во договорот. Овој вид осигурување најчесто се склучува како дополнување на пензиското осигурување.

Совети кои ќе ви бидат од корист пред склучување на животно осигурување:

Ако ја прекинете полисата пред време, поголемата сума на вложени средства ќе биде изгубена

Одлуката за прекин на полисата за животно осигурување во првата третина од нејзиното траење е најнеисплатливо, бидејќи откупната вредност се пресметува заедно со факторите на откупот чија вредност се зголемува како што се приближува рокот на истекот на осигурувањето. Колку што е подолг временскиот период од датумот на склучување на договорот за животно осигурување толку повеќе се исплати осигурувањето, бидејќи трошокот, кој што се зема во предвид кај факторите на откупот, се намалува со самото траење на осигурувањето. Поради таа причина, ве советуваме само во исклучителни случаи да го искористите правото за исплата на откупната вредност на осигурувањето. Ако во општите услови на осигурувањето има можност за плаќање на аванс, препорачиво во такви случаи е да се одлучите за делумна исплата на откупната вредност, при што осигурувањето трае и понатаму.

Подобро е да се искористи опцијата за мирување на осигурување

Доколку од почетокот на осигурувањето поминале најмалку 2 години и ако за тој период се платени сите премии, имате опција да го ставите осигурувањето во мирување. Периодот на мирување може да биде најмногу 12 (дванаесет) месеци. По истек на најмалку две години од денот на истекување на периодот на мирување, повторно имате право да го ставите осигурувањето во мирување, но под услов редовно да се платени сите премии за осигурување во текот во тие поминати две години. За осигурување на живот со штедење, во текот на периодот на мирување, обврската на осигурителот е во висина на капитализираниот(намалениот) износ. Овој износ се пресметува со методот на актуарска математика, така што математичката резерва, која е еднаква на вредноста на платената премија, се смета за еднократна премија, на основа на која потоа се пресметува намалениот осигурен износ. По истекот на периодот на мирување, се врши пресметка на осигурениот износ и премијата за осигурување. Притоа, се зема во предвид дека за одредено време, премијата не треба да се наплати. Важно е да се напомене дека траењето на осигурувањето не се менува поради ставање на истото во мирување. Но, запомнете дека доколку се повредите во текот на траењето на мирувањето, не можете да поднесете барање за оштета со дополнителното осигурување од незгода.