Внимавајте, производ купен надвор од деловен објект можете да го вратите во рок од 14 дена

167

Во хотели, ресторани, дома или на патувања потрошувачите склучуваат договори за купување различни производи, “навлечени“ од “слаткоречивите“ трговци. Притоа, не водат сметка колку производот навистина им треба и дали можат да го платат, па во најголем број случаи многу брзо се покајуваат за “зделката“, велат од Организацијата на потрошувачи (ОПМ), а пренесува МИА.

Но, колку знаат дека во рок од 14 дена имаат право да го раскинат ваквиот договор склучен (потпишан) надвор од деловната просторија на трговецот без никакви последици и дека трговецот е должен да им ги врати парите?

Најчесто не знаат, велат од Организацијата на потрошувачи ОПМ. Не само зашто не се информирани, туку и затоа што во преку 90 % од купопродажните договори оваа одредба воопшто не (по)стои, не е ставена, иако е пропишана со закон.

Според ОПМ, пензионерите се најмногу на удар при ваквото купување, вон деловни простории, на презентации по хотели и ресторани. Главно се работи за магнетни производи (масажери, седалки, душеци), кои чинат и до 2.000 евра. Повозрасните лесно “се лажат“, мислејќи дека ќе купат нешто добро за нивното здравје.

“Нашата пракса покажува дека со овие договори се таргетира прилично постарата популација и се применуваат софистицирани методи на презентирање, убедување и се врши притисок кој е наречен „агресивно пазарно однесување“ од страна на трговците“, потенцира Бранко Костовски, правен советник во ОПМ.

Тој е дециден дека кога потрошувачот и продавачот ќе склучат договор надвор од деловните простории, продавачот има обврска да му даде на потрошувачот копија од договорот и фискална сметка, фактура или сметкопотврда како доказ за плаќањето.

Задолжително, продавачот во договорот мора да ја наведе информацијата дека потрошувачот може во рок од 14 дена да се повлече од договорот, односно да го раскине. Согласно Законот за заштита на потрошувачите, потрошувачот располага со период од 14 (календарски) дена за повлекување (раскинување) од договорот склучен надвор од деловните простории без да ги наведе своите причини (образложенија) и без да сноси трошоци, освен трошоците за враќање на производот кај продавачот, најчесто по пошта, објаснува Костовски.

Освен ова, потрошувачите треба да знаат дека може да го раскинат и т.н. дополнителен договор што во некои случаи, посебно ако производот е поскап, се склучува заедно со “основниот“ при купопродажбата. Овој дополнителен договор најчесто е за земање потрошувачки кредит. Потрошувачот го потпишува убеден од трговецот дека ќе може полесно да ја плати сумата за производот ако е висока.

“Постојат и случаи кога, заедно со договорот склучен надвор од деловните простории, е склучен и договор за кредит, како помошен на претходниот. Во тој случај, ако се повлече потрошувачот од договорот надвор од деловните простории, односно го раскине, автоматски ќе престане и договорот за кредит, без никакви трошоци за потрошувачот. Всушност, секој помошен договор се раскинува автоматски со раскинувањето на “главниот“ договор. Трговците обично нудат, велат: „Овој производ чини 2.000 евра, но ние соработуваме со таа и таа банка, па можете да земете договор за потрошувачки кредит“. Така ги навлекуваат потрошувачите“, напоменува правниот советник.

Костовски укажува дека секој потрошувач, ако има потреба, може да дојде во ОПМ и да се обрати за помош. Бесплатно е.

Во врска со законската можност за 14 дена да се враќаат производите купени со договор склучен надвор од деловната просторија на трговецот, добро е да се знае дека тоа важи и за користените производи, но само ако тие не се оштетени.

До Организацијата на потрошувачи годинава пристигнале околу 30 жалби и поплаки по склучени договори надвор од деловни простории.

Фото: Pexels