Во 2015 УСАИД ќе им помогне на 160 производители на пченка и сончоглед да ги дуплираат приносите

38

usaid

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, денеска го одбележа проширувањето на иницијативата Да одгледуваме повеќе пченка. Оваа година преку иницијативата се донираат 160 системи за наводнување капка по капка за одгледување на пченка и сончоглед.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, Министерот за земјоделство, Михаил Цветков, и Заменик шефицата на мисијата на Швајцарија, Катарина Штокер, свечено ги вклучија првите два системи капка по капка на полињата со пченка на Мендуљ Фетаи од село Лопате и Игор Јанкуловски од село Голозинци.

“Системите капка по капка ќе бидат од корист за производителните на пченка, но и за млекопроизводната индустрија. Ги повикуваме земјоделците и млекопреработувачите да ни се придружат во трансформирање на производството на пченка и млеко во Македонија, преку инвестирање во нова технологија и преку едукација за најдобрите земјоделски практики. Се надевам дека со континуираната поддршка од нашите партнери – Министерството за земјоделство, Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството и млекопреработувачите – производството на пченка и млеко во Македонија ќе стане попрофитабилен бизнис“, изјави Амбасадорот Бејли.

На презентацијата на системите капка по капка присуствуваа и градоначалниците од североисточниот и вардарскиот регион, директорите на Центрите за регионален развој на двата региони, претставници од Агенцијата за поддршка на земјоделскиот развој, како и локални земјоделци.

usaid

Од 2013 до денес, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси има поставено системи за наводнување капка по капка и воведено напредни земјоделски протоколи на 120 полиња со пченка и сончоглед во Полог, Пелагонија, Североисточниот и Вардарскиот регион. Со овогодинешното проширување, Проектот ќе им има помогнато на 280 земјоделци да ги зголемат приносите за два до три пати со користење на капка-по-капка наводнување. Затоа што поголемиот број производители на пченка ја користат пченката за сточна храна, зголемените приноси ќе им овозможат да прехранат до четири пати повеќе крави со истата обработлива површина. Како што ќе се зголемува бројот на земјоделци кои ќе го користат овој пристап на производството на пченка и сончоглед, ќе се подобрува конкурентноста, профитабилноста, продуктивноста, и оддржливоста на малите агробизниси.