Во август Русија го намалува извозот на нафта за 500.000 барели дневно

Русија објави дека го намалува извозот на сурова нафта за 500.000 барели дневно во август, мерка за која рече дека има за цел „да го балансира пазарот“.

„Како дел од напорите за урамнотежување на пазарот, Русија доброволно ќе ги намали испораките на нафтените пазари за 500.000 барели дневно во август, намалувајќи го својот извоз до нивото на таа количина“, рече вицепремиерот Александар Новак, пренесува Бета, повикувајќи се на руски агенции.

Русија го објави ова набргу откако Саудиска Арабија објави дека го продолжува намалувањето на производството на нафта од 1 милион барели дневно. Саудиска Арабија, заедно со Русија, е дел од картелот ОПЕК+, кој ги обединува главните земји производители на нафта и нивните партнери.

Ваквите мерки се наменети за намалување на понудата на нафта на пазарите со цел да се зголемат цените.

Веќе во февруари годинава Русија објави дека го намалува производството на сурова нафта за 500.000 барели дневно, со изјави дека има намера да ја задржи оваа мерка до крајот на 2024 година. Денешното соопштение е за извоз на нафта, а не за производство.