Во Австрија, златарите „работат како пекари“

383

Украинската криза и зголемената инфлација се причините за зголемувањето на побарувачката на злато во Австрија. Високата побарувачка за златни дукати и полуги ја надминува понудата на домашните продавачи на вредни метали.
Компанијата  Münze Österreich, која произведува златни дукати, објави дека прометот од продажбата на злато е значително зголемен во изминатите две недели.

„Од руската инвазија на Украина, остваривме обрт од околу 500 милиони евра само од бизнис со трговците на големо, односно со банки и продавници“, изјави портпаролката на Münze Österreich Андреа Ланг за Радио Виена, пренесува Танјуг.

За споредба, ланскиот промет беше околу 200 милиони евра.

„Постојано произведуваме и постојано испорачуваме роба, но побарувачката никогаш не била поголема. Сега е како пекара, тоа што ќе го произведеме го продаваме следниот ден“, додаде таа.

На денот на војната прометот на онлајн продавницата бил три милиони евра.

И од компанијата „Егуса“ посочуваат дека побарувачката за златни полуги е голема, а најмногу се откупуваат мали полуги од 100 и 250 грама.

Австријците го гледаат златото како сигурна инвестиција за иднината, во време на зголемена инфлација и неизвесност.