Во бизнисот и во животот победувате ако го имате најдобриот тим зад себе

26
jef
Џеф Хофман – сериски претприемач и светски мотивациски говорник

Во бизнисот и општо во животот победувате ако го имате најдобриот тим зад себе. Ако сте опкружени со одлични луѓе, ќе ви се случат и одлични работи. Значи клучот е да ги најдете и задржите овие луѓе, а тоа ќе го постигнете ако добро се грижите за нив.

Со господинот Џеф Хофман, мотивациски говорник, автор, филмски и музички продуцент и повеќекратно докажан во полето на претприемништвото, разговаравме на разни теми во врска со бизнисот и остварување на соништата.

БИ: Господине Хофман, имате импресивно искуство на многу полиња, претприемништво, иновации, економија, медиуми сте биле мотивациски говорник во повеќе од 50 земји во светот. Кое од овие искуства досега можете да го издвоите како најдраго?

Го поминав целиот живот градејќи компании, работејќи со стартапи, технолошки компании, интернет компании, се занимавав со шоу бизнис, музика, филм. Кога ги изградив стартапите во компании си дадов ветување да им ги дадам на менторите и претприемачите. Одлучив дека она што треба да го правам е да им помогнам на што повеќе луѓе. Затоа сум тука во Македонија и затоа бев и во Албанија и ги менторирав претприемачите. Токму оваа тура, менторството, на мое изненадување е досега најдобро искуство во мојот живот. Многу добив со тоа што им помогнав на претприемачите низ светот да ги направат нештата подобри онаму каде што живеат. Тоа е она што вистински ме исполнува – можноста да им помогнам.

БИ: Важите за лидер, лидер што ги инспирира луѓето. Како се гледате себе си, со оглед на фактот дека сте инволвирани во многу активности и бизниси?

Нешто научив за лидерството неодамна, а тоа е дека вистинските лидери се оние што им служат на другите. Бев извршен директор од мојата 24 година и тогаш мислев, да, јас сум шефот, големата ѕверка. Но, она што го открив многу подоцна е дека најдобрите лидери водат преку служењето. Во бизнисот и општо во животот победувате ако го имате најдобриот тим зад себе. Ако сте опкружени со одлични луѓе, ќе ви се случат и одлични работи. Значи клучот е да ги најдете и задржите овие луѓе, а тоа ќе го постигнете ако добро се грижите за нив. Она што го научив е ако добро се грижите за своите луѓе и им помагате да го постигнат она што сакаат, ако се однесувате како вие да не сте важни иако сте на чело на компанијата, тогаш ќе изградите извонреден тим. Кога ја научив оваа дефиниција за лидерството, ми се смени начинот на живот и начинот на којшто ја градам мојата кариера.

БИ: Како успевате да сте присутни и ефективни на толку многу места, бизниси, состаноци…? На претприемачите еден од најголемите проблеми им е управување со времето. Како Џеф Хофман наоѓа време и енергија за да ја заврши сета работа?

Па, многу малку спијам, што не би требало. Но, она што ми помага да најдам време за сè е тоа што се фокусирам на нештата коишто навистина ги сакам, на работите кон кои имам страст. Јас сум инженер по професија и одредено време работев за таква компанија, но воопшто не уживав во тоа. Немав енергија токму поради фактот што не си ја сакав работата. Сега времето го поминувам работејќи нешто што ме исполнува и поминувајќи време со луѓето што ги сакам. Токму тие луѓе ми ја даваат потребната енергија и затоа многу внимавам кога одбирам со кого ќе работам. Сега едвај чекам да станам наутро и да се фрлам на работа, едноставно тоа ме прави среќен. Енергијата ми ја дава работата зошто го работам тоа што го сакам и луѓето со кои сум опкружен.

БИ: Според вас, како еден претприемач може да го одбере вистинскиот пат? Дали треба да се фокусира исклучиво на желбата за одредениот бизнис или треба да размислува малку пошироко и да гледа што ќе биде просперитетно во иднина?

За да го избереш вистинскиот пат, треба да се обидеш неколку пати. Најчесто нема да успееш, но може ќе имаш среќа и ќе се најдеш на вистинскиот пат со првиот обид. Значи треба да се пробаат различни работи во животот. Така ќе видите за што сте добри, а за што не ве бидува. Иако сум инженер по професија, јас всушност сум предодреден за маркетинг. Ако не пробате, нема да дознаете. Некои луѓе се плашат со помислата Што ако не успеам?, но постои нешто полошо од неуспехот, а тоа е да се работи нешто што не се сака до крајот на животот, само затоа што се плашите да се обидете со друго. Луѓето треба да се плашат од испуштените шанси, од она непробаното во животот. Може да се живее со неуспехот, но не може мирно да живеете ако не сте пробале да станете она што сте сакале. Секогаш кога ќе видите некој успешен во полето што вие сте сакале да го испробате, ќе ви биде криво и тоа ќе ви смета до крајот на животот. Но, ако сте се обиделе и не сте успеале, барем ќе знаете дека сте пробале, но ете не сте биле толку добри колку што сте мислеле. Има и полошо нешто од откажувањето. Еве на пример ако јас не се откажев од инженерската работа, немаше да бидам тоа што сум сега. Секако, треба постојано да следите што се случува во светот, што може да просперира, а што не. Така започнав да следам што се случува во музичката индустрија, таа многу се менуваше, од албуми, па цд-а, мп3 плеери, рингтонови и видов дека таму има потенцијал. Исто така треба да сте љубопитни за многу нешта, таа љубопитност ќе ви помогне да видите нешто што никој друг дотогаш не го видел.

БИ: Што ќе ги посоветувате нашите млади, надежни претприемачи?

Може да си најдете работа што ќе ви ги плаќа сметките или можете да ги следите вашите соништа. Но, зошто не и двете? Убавината на претприемништвото е во тоа што можете да дизајнирате иднина каде ќе го работите она за што сте сонувале. Јас сонував да правам концерти и започнав музичка кариера и ете нашата компанија почна да прави пари. Ги споив двете работи, можев да си ги плаќам сметките и го работев тоа што го сакам. Не дозволувајте некој да ви кажува дека ако ја следите страста, ќе немате пари. Претприемачите ја креираат работата што ја сакаат. Затоа создавајте, само така ќе имате средства за живот и ќе работите со љубов.