Во Боливија дозволено самовработување на деца над 10 години

12

deca bolivija

Боливија ја намалува старосната граница за самовработување на деца од над 10 години, што значи дека во таа земја е дозволена работа на деца додека овие мали работници одат во училиште, јавува BBC.

Новиот закон дозволува 12-годишните деца да бидат вработувани од други луѓе, за што е потребно родителско овластување.

Вицепретседателот на Боливија, Алваро Гарсија Линера вели дека новата легислатива е одговор на потребите на земјата, што е една од најсиромашните земји во Јужна Америка. Со овој закон, исто така, се наметнуваат поголеми казни за насилството врз децата. Легислативата предвидува казна од 30 години затвор за убиство на деца.

Ова законско решение, што претходно беше одобрено од Конгресот, беше потпишано од вице претседателот Гарсија, во отсуство на претседателот Ево Моралес, кој бил во посета на Бразил.

“Претседателот Моралес интервенираше со цел луѓето да бидат сигурни дека ќе се најде соодветната рамнотежа меѓу реалноста и законот, како и меѓу правата и меѓународните договори“, вели Гарсија.

Детскиот фонд на Обединетите нации UNICEF смета дека над 500.000 деца во Боливија работат и придонесуваат за семејниот буџет. Најголем дел од нив чистат чевли и продаваат храна во главниот град и во другите градови низ земјата. Но, има и такви кои се соочуваат со екстремни услови при работа во рудник или на земјоделските полиња.

Меѓународната организација за труд тврди дека деца под 15 години не би требало да работат. Но, се дозволува долната граница за деца што работат во земјите во развој да биде 14 години.