
Цените на акциите паднаа на европските берзи. Индексот STOXX 600 на водечките европски акции се намали за околу еден процент во 9:30 часот, паѓајќи на најниско ниво во последните две недели. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,60 отсто, на 8.635 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,53 отсто, на 22.488 поени, а париски CAC за 1,23 отсто, на 7.930 поени.
Падот на индексот најмногу се должи на падот на цените на акциите на производителите на автомобили, откако синоќа американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека од 2 април ќе воведе царини од 25 отсто за сите возила што не се произведуваат во САД. Аналитичарите велат дека ова најмногу ќе ги погоди Европската унија, Јапонија и Јужна Кореја.
ЕУ, Канада и Јапонија веќе најавија контрамерки, а во наредните денови се очекуваат нови одлуки од Вашингтон, со оглед на тоа што Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи. Најмногу утринава паднаа цените на акциите во автомобилскиот сектор, за повеќе од три отсто. Цените на Volvo, Continental, Volkswagen, BMW и Porsche паднаа меѓу 2,5 и 4,2 отсто.
Германскиот министер за економија и локалната автомобилска асоцијација остро ги критикуваа новите царини и предупредија дека тие можат да им наштетат и на европската и на американската економија. Тие повикаа на итни преговори за да се избегне трговска војна, пренесува Хина.











