Во Европа се појави нов проблем со гасот

52

Американскиот извозник на течен природен гас (LNG) Freeport LNG изјави дека нема целосно да го обнови производството во оштетената фабрика за втечнување гас до март следната година, што сигнализира нови проблеми за увозниците во Европа.

Во јуни, компанијата ја прекина работата во својот објект во Квинтана, Тексас, поради оштетувања на гасоводот, предизвикувајќи експлозија и пожар. Од преголем притисок напукна гасоводот, но погоните за преработка не беа оштетени. Тие тогаш најавија дека фабриката ќе продолжи со работа во септември, но во ограничен капацитет и дека треба да достигне полн капацитет на крајот на годината.

Во вторникот, компанијата објави дека планира да врати 85 отсто од производството во постројката во Тексас до втората половина на ноември. Целиот капацитет треба да го достигне до март следната година.

Фабриката сочинува една петтина од американскиот извоз на ЛНГ и е главен снабдувач на европските клиенти кои бараат алтернативни извори на снабдување. Дневно тече околу шест милиони кубни метри природен гас и со полн капацитет може да извезува 15 милиони тони течен гас годишно.

Околу 3,3 милиони кубни метри отишле во Европа од мај, наспроти 2,3 милиони во март, покажуваат податоците на аналитичката компанија Ристад енерџи. Околу 70 отсто од извозот на Фрипорт во изминатите месеци беше насочен кон ЕУ и Велика Британија, а Франција, Турција и Холандија се меѓу најголемите увозници годинава.