Бројот на прогласени банкротства на компании во Германија годинава е зголемен за речиси 25 отсто, покажува извештајот на Creditreform, кој ги одразува проблемите што ги мачат компаниите, вклучувајќи ги високите цени на енергијата, ослабената економија и последиците од пандемијата.
Без знаци на подобрување, се очекува бројот на банкроти да достигне рекордно ниво во 2025 година, проценува германскиот давател на деловни информации, маркетинг податоци и решенија за управување со побарувањата.
Наглото зголемување на банкротите ќе продолжи и во 2025 година, изјави извршниот директор на Creditreform, Бернд Буетов.
Од компанијата очекуваат дека до крајот на оваа година стечај ќе прогласат вкупно 22.400 фирми, наспроти 17.814 во претходната година. Ова ќе биде највисока бројка од 2015 година, кога 23.100 компании прогласија банкрот.
„Кризите од изминатите години сега ги зафаќаат компаниите со одредено временско задоцнување во вид на стечајци. Ова значи дека бројките за банкрот наскоро би можеле да ги израмнат рекордните нивоа од 2009 и 2010 година, кога банкротираа повеќе од 32.000 компании“, рече шефот на економските истражувања на Creditreform, Патрик-Лудвиг Ханц.
Creditreform смета дека многу динамичниот тренд на прогласување стечај ќе продолжи барем во првиот квартал од следната година.
Германскиот осигурител на кредити „Алијанц трејд“ очекува и дополнително зголемување на бројот на банкроти на компании во Германија во 2025 година, пренесува Хина.
„Сегашната слаба економска ситуација во Европа, особено во Германија, им создава проблеми на домашните компании“, изјави пред два месеци Мило Богаертс, извршен директор на „Алијанц трејд“ во Германија, Австрија и Швајцарија.
Фото: Pixabay