Во Хрватска ќе се гради резорт за најбогатите

77

amanresort

Во Цавтат ќе се гради Amanresort Cavtat, што ќе биде најголемата и најлуксузна инвестиција во хрватскиот туризам, а во Хрватска ќе ги донесе оние од листата на 200 најбогати во светот, неофицијално дознава Пословни дневник.

Гостите во Цавтат ќе доаѓаат со приватни авиони, ќе спијат во соби од 160 метри квадратни, за нив ќе се грижат пет собари и приватни батлери, а за спиење ќе плаќаат најмалку 1.200 евра по лице.

Amanresort Cavtat ќе се гради на местото на поранешниот хотел Македонија, ќе има 40 соби, а инвестицијата по соба ќе изнесува 750.000 евра. Целата инвестиција вреди над 30 милиони евра, а инвеститор е грчкиот бизнисмен Петрос Статис, кој освен во туризам инвестира и во телекомуникацискиот, банкарскиот и финансискиот сектор во целиот свет. Тој е сопственик на вилата Aman Свети Стефан во Црна Гора, Amanresort Canal Grande во Венеција, а планира да гради вакви резорти и во Сан Марино и Њујорк, пишува Пословни.

Во рамките на компанијата Amanresorts основана 1988 година се наоѓаат 25 мали луксузни хотели во 16 земји во светот, меѓу кои се Тајланд, Бутан, Камбоџа, Кина, Франција, Грција, Индија, Индонезија, Лаос, Мароко, Шри Ланка и САД.