Во Хрватска се гради висечка соларна електрана

42

hr

Во Слатина, Хрватска, почна изградбата на висечка соларна електрана вредна над 845.000 евра. Електраната е со моќност од 500 киловати и е во насока на подобрување на квотата што Хрватска мора да ја исполни во процесот на користење на обновлилви извори на енергија до 2020 година.

Станува збор за единствен модел на спојување и користење на обновливи извори на енергија и земјоделие во Хрватска, а земјиштето на кое ќе биде поставена електраната во потполност ќе биде искористено за одгледување на зеленчук, јавува ХРТ.

Соларните панели се поставени на столбови високи четири метри, раздалечени осум метри меѓу себе за да се овозможи непречена работа на механизацијата и потполно искористување на земјиштето. Произведената енергија ќе биде употребена за систем за наводнување на парцелата од 2,5 хектари. Сета механизација потребна за обработка на земјиштето ќе биде на електричен погон, а станиците за пумпање ќе бидат поставени на самата парцела и ќе користат соларна енергија. Вишокот енергија што ќе го произведе електраната ќе се користи за основните и средни училишта во Вировитичко – подравската жупанија.

Првите киловати се очекуваат во октомври, до кога треба да биде завршена изградбата.