Во изминативе десетина дена издадени се две задолжници во вредност од 24 милиони

33

Почна да функционира новиот инструмент задолжница. Во изминативе десетина дена издадени се две задолжници во вредност од 24 милиони денари или 390 илјади евра. Ова вчера го објавија министерот за финансии Зоран Ставрески и директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски.

Првиот финансиер е задоволен од интересот на компаниите за овој инструмент, но се уште смета дека нема потреба тој да важи и за државата, бидејќи концептот на задолжницата бил донесен по барање на бизнисмените и е дизајниран како и во другите држави.

Ставрески смета дека со задолжницата ќе излезат на виделина фирмите што сакаат да работат чесно, односно ќе се направи селекција меѓу добрите компании и оние што не сакаат да плаќаат навреме.

Според него задолжницата е сигурен и брз инструмент за обезбедување на плаќањата кои во суштина го штити интересот на доверителите, бидејќи за нив тој овозможува поголема сигурност дека ќе биде спроведено плаќањето.   А оној должник што ќе сака да потпише задолжница, ќе го смести во групата фирми со добар рејтинг. „Една од предностите е тоа што ова е едноставен инструмент, бидејќи токму на барање на стопанствениците ги поедноставивме сите услови за процедурата што е потребна за да се потпише овој инструмент и да се реализира доколку има потреба за тоа. Предност е што на тој начин ќе се избегнат долготрајните судски постапки, и ќе може на многу побрзо да се реализира плаќањето, со тоа што доколку е потребно ќе се ефектуира таа задолжница“, истакна Ставрески.

Тој смета дека во време на на нарушена ликвидност на стопанството, приватниот сектор ќе ја искористи оваа можност и ќе го користи инструментот што почесто со цел да се намали ризикот и неизвесноста од меѓусебните плаќања на стопанските субјекти.

Директорот на Централниот регистар Костадиновски потенцира дека издавањето на првите задолжници во првите десет дена од воведување упатува на тоа дека ова е добар инструмен кој ќе биде прифатен од бизнис заедницата и ќе има значајна улога во подобрување на ликвидноста на претпријатијата. Костадиновски уште еднаш објасни дека задолжницата претставува исправа со која должникот – трговско друштво, дава согласност плаќањето на неговите обврски кон одреден доверител да се изврши по присилен пат од сите негови сметки кај сите носители на платен промет. Доколку не се наплати од паричните средства, задолжницата како извршна исправа, може да се наплати и од друг имот.