Во Крушево се одржа инфо ден за програмата Еразмус плус

40

Наставници и професори, општинската администрација и активисти во граѓанскиот сектор земаа учество на Инфо денот одржан во Крушево, како дел од  циклусот на промотивни активности за програмата Еразмус плус во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.

Презентери на настанот беа м-р Дејан Златковски, Александар Богојевски и м-р Јовица Митевски, претставници на Агенцијата кои ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, Еразмус плус 2014-2020, како и иницијативите на ЕУ, Еуропас и Евридика.

Сите учесници на денешната трибина беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.

Како програма, Еразмус плус им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од 7 европски образовни програми, програми за обука и млади, и за прв пат во својата структура го додава спортот.

Во Крушево беа објаснети фазите на одлучување – процедура за селекција на апликации кои се одвиваат во 4 нивоа: Техничка проверка (Проверката се врши од страна на лица вработени во агенцијата, од технички аспект: дали се поднесени сите потребни документи, дали е запазен рокот за аплицирање, дали се пополнети соодветните апликациони формулари итн.); Квалитативна евалуација (Оценување на апликациите кое се врши од страна на надворешни експерти – доделување бодови на апликациите според квалитетот на содржината); Евалуационен Комитет (Комитет формиран од стручни лица кои доаѓаат од соодветни образовни институции на Р. Македонија, при што се утврдува запазеноста на сите пропишани процедури и правила при селекција на апликациите); Одлука од Директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

На Инфо денот во Крушево се показжа интерес за клучнa акција 1 – Учењето преку индивидуални мобилности, која создава можности за индивидуите да ги подобрат своите вештини, подобрување на вештините за вработување и зголемување на културната свест.