Во Македонија 32% од компаниите се основани од жени, што е над просекот во Европската унија. Бројката на жени кои се на менаџерска позиција се некаде од 5% до 7%, а од вкупниот број вработени во земјава 39,5% се жени.
Министерот за економија Ваљон Сарачини додаде дека со цел поттикнување на женското претприемништво во 2012 година е воведена програма за субвенционирање преку која беа обезбедени 1,8 милиони денари, а во 2013 година 1,3 милиони денари, при што аплицираа околу 30 жени претприемачи, а субвенции добија 18.
“Тргнувајќи од тоа дека секој ден се повеќе и повеќе жени претприемачи прашуваат и се заинтересирани за оваа програма Министерството за економија за 2014 година го зголеми буџетот на 2,4 милиони денари што сметаме дека се доволно средства за покривање на трошоците на околу 20 жени претприемачи кои би аплицирале и би ги исплниле условите согласно програмите. Рокот за пријавување е до 15 окотомври”, изјави Сарачини
Во 2012 година од отворените 6.100 компании, 1.600 се основани од жени, но од женските организации посочуваат дека се уште се присутни стереотипите и најчесто се во козметичкиот, фризерскиот, кројачкиот дел.
“Сигурно може да ги видиме жените и во поголеми претпријатија, освен на она што е најголемиот процент. Не дека се помалку важни, но повеќето се на фризерски, козметички и кројачки претпријатија. Тоа е стереотипното. Ако ние влијаеме да се променат стереотипите нема поделба на работата на машка и женска”, рече Савка Тодоровска претседател на Сојузот на организации на жени на Македонија, која пред четири години го основаше Националниот совет за родова рамноправност.
Додаде дека настојуваат процентот на вработеност на жените кој изнесува 39,5% и е непроменет да стане толку колку што се присутни жените во популацијата.
На средбата членовите на Националниот совет изнеле низа предлози и сугестии за подобрување на програмите за поттикнување на женското претприемништво.
Националниот совет за родова рамноправност работи во полето на женските права како човекови права за надминување на стереотипите и предрасудите и подобрување на статусот на жените на сите ниво. Основната цел е намалување на сиромаштијата во земјата преку намалување на невработеноста, односно зголемување на вработеноста на жените од руралните средини.