Во македонските компании доаѓаат странските експерти

26

Во следниве неколку дена во Македонија доаѓаат првите 15 странски експерти, практичари кои ќе работат во компаниите кои се пријавија на јавниот повик за Проектот за ангажирање странски експерти за потребите на домашните компании.
Првата група на странски експерти ќе биде од Холандија и Германија и ќе престојува во Македонија заклучно со април годинава. По неа на секои 45 до 60 дена ќе доаѓа нова група од по 15 експерти.
“Со доаѓањето на првата група странски експерти почнува втората фаза од Проектот за ангажирање странски експерти за потребите на домашните компании, односно нивниот престој и работа во Македонија. Најголем дел од експертите од првата група ќе работат во компании од преработувачката индустрија, земјоделството, информациско комуникациските технологии, туризмот и образованието”, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Тој прецизира дека компаниите за експертите ќе имаат минимални трошоци, односно само трошоци за нивниот престој во Македонија, а големите трошоци како што се дневниците и транспортот ќе ги покрие Владата и нејзините меѓународни партнери од Холандија и Германија.
Во првата фаза од Проектот, односно на јавниот повик вкупно аплицирале 100 македонски компании кои изразиле потреба од ангажирање на 105 експерти на целата територија на Македонија и од скоро сите дејности.
“На огласот аплицираа разни профили на компании од најмали до најголеми, односно со број на вработени под 50, од 100 до 150 вработени, од 150 до 200 и големи компании со над 200 вработени”, рече Ѓорѓиев.