Во март сме потрошиле над 10 милиони евра на онлајн купување од домашни компании

58

Во текот на месец март оваа година се потрошиле 10,1 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании кои продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на месец март 2019 година, што е раст од 94,2%, анализира Асоцијацијата за е-трговија.

Во Македонија заклучно со 31.03.2020 година активни се 1.078 виртуелни ПОС уреди. Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.03.2020 година во Република Северна Македонија активни се 1.078 продажни места. Станува збор за активно регистрирани виртуелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.

За период од три месеци во текот на 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 58 новоотворени. Согласно податоците кои Асоцијацијата за е-трговија ги обезбеди од петте банки кои ја нудат услугата е-трговија, само во месец март банките имплементирале 42 нови е-продавници и согласно тој податок во месеците јануари и февруари годинава се имплементирани вкупно 16 е-продавници.

Инаку, во текот на првите три месеци од 2020 година Македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5%) во однос на истиот период претходната година.

Во оваа категорија, евидентно е дека Македонците во текот на првите три месеци од 2020 година стекнуваат сè повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, а тоа може да се заклучи од растот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, особено кон домашни е-продавници. Голем дел од трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата онлајн, кон странски земји во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници.

Ограничувањата на движењето кое беше на сила од средината на март, зголемениот број на новоотворени онлајн продавници во Северна Македонија, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги онлајн од страна на домашните компании, износот на трансакции кон домашните е-продавници пораснал во однос на странските е-продавници. Конкретно, 59,4% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија останале во земјава, додека 40,6% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство.

Свеста за е-трговијата се менува, БУМ на е-трговијата во месец март. Имателите на домашни платежни картички (платежни картички издадени од македонски банки), значајно го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите во месец март 2020 кон е-продавници кои функционираат во земјава. Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во месец март годинава, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 99% во однос на месец март претходната година. Конкретно, годинава реализирани се вкупно 367.535 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 184.652 трансакции.

Фото: Freepik