Во Милано, Асти и Тренто ќе се претстават можностите за инвестирање во Македонија

13

Можностите за инвестирање во Македонија во следните три дена ќе бидат претставени на бизнис форум и пред компании во Милано, Тренто и Асти. Со престојот во трите града министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, директорот на Технолошко индустриските развојни зони, Виктор Мизо и економскиот промотор во Италија, Иван Илиев, ја продолжуваат посетата на италијанската држава, што почна на почетокот на неделава.
Во првиот дел на посетата, во Емилија Ромаџина, Болоња, Анкона и Пескара, се остварени средби со неколку компании со кои македонскиот тим е во напредни преговори за потенцијално инвестирање во Македонија, соопшти Кабинетот на министерот Наумоф.
Секторски тоа се компании од автомобилската индустрија, електро индустријата и машинската индустрија за специјални возила кои се светски или регионални лидери во својата дејност. Договорени се и дополнителни средби во тек на пролетта со цел финализирање на понудата на соодветни локации и анализи на работна сила, логистика и царински процедури.