Во Москва утре ќе се потпише договорот за Јужен тек

19

juzen tekМакедонска делегација, предводена од премиерот Никола Груевски по покана од Руската Федерација, денеска ќе замине за Москва, каде утре треба да го потпише договорот за Јужен тек.

“Ова е исклучително значаен проект за нас затоа што со Јужен тек практично на долг рок се гарантира енергетската стабилност на Република Македонија, се обезбедуваат нови количини на гас, што ќе направат и проектот за внатрешна инфраструктура за пренос на гас во Македонија да добие една поголема смисла”, изјави премиерот Никола Груевски.

Груевски истакна дека руската страна треба да одлучи дали кракот во Македонија ќе дојде од Бугарија или од Србија.

Владата на Руската федерација пред две недели објави дека е потпишан договор со владата на Република Македонија за соработка во изградбата на крак од гасоводот Јужен тек за снабдување на гас на земјата. Според договорот, Газпром и ЈП Македонски енергетски ресурси МЕР ќе формираат заедничка компанија за изградба на крак со удел од 50%, со можност да се приклучат и други акционери во иднина.

Рутата и капацитетот на кракот ќе се одредуваат по деталните анализи, а вредноста, условите и роковите за снабдување со природен гас за РМ ќе се утврдуваат со договор меѓу двете компании. Газпром ќе има право да ги користи сите капацитети на гас.

Договорот ја обврзува Македонија да не воведува рестрикции на руските инвестиции во државава предвидени со договорот, како и да и обезбеди на компанијата повластен царински и даночен режим.

Изградбата на гасоводот Јужен тек треба да заврши до 2015 година.