Во Полска снемува јаглен

46

Полските компании ја ограничија продажбата на јаглен во земјата откако го блокираа увозот од Русија, изјави  заменик министерот за државен имот Пјотр Пижек.

Тој изјави дека побарувачката на суровини во земјава е далеку поголема од домашното производство.

“Компаниите одлучија да воведат ограничување на продажбата за да обезбедат греење за следната грејна сезона за што повеќе потрошувачи“, објасни Пижек.

Призна дека состојбата во земјава е тешка и дека потрошувачите се соочуваат со потешкотии при набавка на јаглен, пренесуваат агенциите.

Забраната на рускиот јаглен во Полска доведе до шпекулативни пазарни цени.

Полските медиуми пишуваат за долги колони клиенти во близина на складиштето за јаглен поради големата побарувачка, иако грејната сезона е завршена.

Според порталот Онет, повеќе од 100 возила стоеле во колона пред складиштето за јаглен во Горжице Вјелке.

Поради недостигот, многу полски домаќинства беа принудени да купуваат јаглен од препродавачи по цена од 2.500 до 3.000 злоти за тон (700-800 долари), што е многу повеќе од официјалната цена од околу 1.000 злоти (234 долари).

Полска со години увезува руски јаглен, кој сочинува околу 20 отсто од нејзината домашна потрошувачка.

Околу 9,4 милиони тони руски јаглен беше увезен во Полска во 2020 година и главно се користи за греење на индивидуални домаќинства.

Нацијата, исто така, увезува околу 50 отсто од својот гас од Русија и над 60 отсто од рафинираната нафта.

Сепак, од почетокот на воениот конфликт во Украина, Варшава повика на целосна забрана на увозот на руска енергија.

Полската влада во март објави дека ќе го заврши целиот руски увоз на енергија, вклучително нафта, гас и јаглен, до крајот на 2022 година.