Бродоградилиштето Уљаник во Пула за австралиската компанија специјализирана за луксузни крстарења Scenic, гради луксузна јахта долга 165 метри со којашто ќе се патува на Северен и Јужен пол.
Јахтата Scenic Eclipse со својот дизајн и целата понуда претставува единствена туристичка понуда, пишува 24 sata.
Австралиската компанија го рекламира бродот како прва светска истражувачка јахта со шест ѕвезди. На неа ќе има два хеликоптера и подморница. Бројот на патници е ограничен на 228, а предвидено е да има 170 членови на екипаж. Ќе има 114 кабини коишто нема да бидат помали од 32 метри квадратни и пентхаус од 233 квадрати со две спални соби. Во неа ќе има ресторани, барови, џакузи и кино со 240 седишта.
Scenic Eclipse има и стабилизатори коишто спречуваат тресење при разни временски неприлики на море. Хеликоптерот ќе служи да се пренесат туристите на копно, а подморницата наменета за седум лица ќе им овозможи на патниците да уживаат во подводниот свет.
Неофицијално како што пренесуваат хрватските медиуми, цената на патување со оваа јахта ќе изнесува 150.000 долари по лице, а цената на градење изнесува околу 200 милиони евра.
Фото: Scenic.com.au