Во Шпилје и Глобочица лани произведени 588 милиони киловат часови струја

14

Хидроелектраните Шпилје и Глобочица, што го сочинуваат Хидроенергетскиот слив (ХЕС) Црн Дрим, минатата година произвеле 588 милиони киловат часови електрична енергија, што е поголемо производство од планираното, јавува Миа.

“Во двата објекта годишниот план не само што е реализиран, туку е и надминат. Во ХЕ Шпилје произведени се 355 милиони  киловат часови електрична енергија, што претставува 28,6% поголемо производство од планираното. Во ХЕ Глобочица произведени се 234 милиони киловат часови, што значи 23% поголемо производство“, информираа за Миа од ХЕС Црн Дрим.

Во двете акумулации има сoлидна резерва вода, што е вообичаено за овој период од годината. Надлежните оценуваат дека врнежите од снег кои минатата недела го зафатија поширокиот дебарски регион, како и оние кои се најавуваат, се очекува поволно да влијаат врз хидрологијата во претстојниот период.

“Поголем доток вообичаено, се очекува напролет, кога почнува наглото топење на снегот во планините, но тоа е и време на дождови. Како резултат на навреме реализираните ремонти и ревизии на електро – машинската опрема, хидроелектраните се подготвена и да ги прифати и преработи сите количини на вода кои се очекува да се слеат во акумулациите“, велат од ХЕС Црн Дрим.

Планот за годинава е проектиран на 275 милиони киловатчасови за Шпилје, односно 184 милиони за Глобочица или вкупно двете електрани се планира да произведат 459 милиони киловат часови електрична енергија.