Во Шпилје и Глобочица произведени 565 милиони киловат часови електрична енергија

22

Хидроелектраните Шпилје и Глобочица, коишто го сочинуваат Хидроенергетскиот слив (ХЕС) Црн Дрим, годинава ќе прокнижат уште еден рекорден производствен резултат, јавува Миа.

Турбините на двата значајни електроенергетски објекта во поголемиот период од годинава работеле под полн капацитет и до средината на овој месец произвеле 565 милиони киловат часови електрична енергија, што е поголемо производство од планираното.

“Во ХЕ Шпилје произведени се 340 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува 29% поголемо производство од планираното за тој период, но и 24% поголемо производство од годишниот план. Во ХЕ Глобочица произведени се 225 милиони киловат часови, што е за 18% поголемо производство од годишниот план“, потврдија за Миа од ХЕС Црн Дрим.

Моментниот дотек на вода во акумулацијата Дебарско Езеро е над 40 метри кубни во секунда и има резерва на вода за производство на околу 20 милиони киловат часови електрична енергија.

Дотекот во акумулацијата Глобочица изнесува 30 метри кубни вода во секунда и располага со резерва за производство на 13 милиони киловат часови електрична енергија.

Од ХЕС Црн Дрим очекуваат планираното производство за годинава да биде поголемо за околу 40%.