Во што инвестираат Американците коишто се плашат од инфлација?

23

Во време на нестабилен американски долар, несолвентност на еврозоната и нестабилност што ја донесе глобалната рецесија, западните капиталисти станаа скептични дури и кон штедењето во злато.

За да го зачуваат својот капитал од инфлација, многу сопственици и експерти бараат алтернативни вредности. Американскиот портал Business Insider состави листа на штедни опции за оние кои ја губат довербата во одрживост на актуелниот финансиски систем:

Оружје и муниција

Во денешниот свет оружјето сеуште има трајна вредност. Некои медиуми му даваат шанса да стане алтернативна валута во САД. Сите посериозни обиди на владата да ја ограничи продажбата на оружје во САД ја крева цената на пушките и пиштолите.

Канадски државни обврзници

Financial Post објави дека во мај годинава странските побарувања за канадските државни обврзници достигнале рекордни 16,8 милијарди американски долари. Во екот на европската криза, додека централните банки на многу држави бараат начини да ја обезбедат заштедата, канадските обврзници меѓу ретките го задржаа максималниот ААА рејтинг.

Земјоделско земјиште

Побарувачката за храна константно расте, а земјоделски обработливите површини се се поограничен светски ресурс. Според специјализирана канадска инвестициска компанија Bonnefield Financial, поради тоа фармите претставуваат поцврста материја за одбрана од инфлација од златото.

Јапонски јен

Според Wall Street Journal, централните банки ширум светот во последните четири кризни години ги зголемиле своите резерви на јапонски јен за просечно 22%.

Часовници

Повеќето часовници не се соодветен материјал за штедење, но ретки примероци на познати марки сепак влегуваат во оваа категорија затоа што или ја држат својата вредност или со време вредноста им расте. Освен тоа, часовниците се подвижен имот, лично богатство што многу лесно може да се изнесе од земјата.