Во Скопје семинар за сертификација на шумите

21

Семинар за важноста од сертифицирање на шумите во земјите на Западен Балкан ќе се одржи денеска во Скопје со поддршка на фондацијата Поврзување на природни вредности и луѓе (ЦНВП).
На семинарот ќе бидат споделени искуствата и предизвиците за сертификација на шумите во Црна Гора, Албанија, Косово и Македонија.
Европската регулатива налага од март 2013 година за секој производ од дрво кој се увезува на пазарот на ЕУ да се спроведе постапка на длабинска анализа за потеклото на производот.
“Сертификацијата на шумите во последно време станува се повеќе актуелна. Се смета за испробан и тестиран механизам на обезбедување докази за одржливо управување со шумите и им помага на производителите при сигурна достава на производи на пазарите во ЕУ и светот. Како алатка ја употребуваат корисници и сопственици на шуми и шумско земјиште низ целиот свет, без разлика на нивната големина”, велат организаторите.
Од ЦНВП предупредуваат дека македонските компании кои произведуваат мебел оваа година може да се соочат со тешкотии и неможност за извоз во земјите од ЕУ, доколку државата не отпочне со сертификација на шумите.
Во западна Европа половина од шумите се сертифицирани со една од сертификациските шеми достапни на пазарот во ЕУ и светот. Земјите од соседството веќе го имаат завршено процесот иако делумно, само на шумите кои се користат како суровина за производство на мебел.