Во скопски Центар стан продаден по 3.160 евра за метар квадратен, во Карпош за 3.122 евра

Најскапиот продаден станбен квадрат во третиот квартал од 2026 година е постигнат кај новоградбите во скопски Центар и изнесува 194.339 денари (околу 3.160 евра), каде стан од 63 квадратни метри е купен за вкупно 12,24 милиони денари или  околу 199.000 евра. Веднаш зад него е општина Карпош, каде кај старите градби е постигната максимална цена од 192.000 денари за квадрат за стан од 41 квадратен метар продаден за 128.000 евра.

Податоците на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека просечните цени на старите градби во најатрактивните скопски општини се повисоки отколку кај новоградбите:

  • Стари градби: Највисок просек има во Карпош (126.246 ден./м²), пред Центар (123.795 ден./м²), Аеродром (122.328 ден./м²), Кисела Вода (105.839 ден./м²) и Охрид (100.126 ден./м²). Најевтини се становите во Тетово (49.551 ден./м²) и Струмица (52.182 ден./м²).

  • Новоградби (од инвеститор): Лидер е Центар со просечни 122.523 ден./м², по што следуваат Карпош (92.130 ден./м²), Кисела Вода (85.419 ден./м²) и Охрид (82.066 ден./м²)

(Продажба на стари градби)

(Продажба на станови продадени од инвеститор)

Во вториот квартал од 2026 година реализирани се 5.058 продажби, додека во третиот квартал од 2026 година бројот е намален на 4.379 продажби. Ова претставува пад од 13,4 %.

Во третиот квартал од 2026 година, продажбите од инвеститор бележат намалување на 914 реализирани трансакции, наспроти 977 во вториот квартал од истата година, што претставува пад од 6,4 %.

Кај продажбите преку лицитација има мала разлика во однос на двата квартали, односно во вториот квартал од 2026 евидентирани се 15 продажби, а во третиот квартал 20 продажби преку лицитација.

Откупот од Република Северна Македонија бележи пад од 171 трансакции во вториот квартал од 2026 година на 157 трансакции во третиот квартал од истата година, што претставува намалување од 8,2 %.

Во делот на закупите е забележан пораст од 2.148 договори во вториот квартал на 2026 година на 2.209 во третиот квартал од 2026 година, односно зголемување од околу 2,8 %.

Споредбената анализа покажува дека во третиот квартал од 2026 година, има генерално намалување на трансакциите кај продажбите, додека кај закупите имаме зголемување во однос на вториот квартал од 2026 година.

Регионалната анализа покажува дека во третиот квартал од 2026 година најголем број трансакции се случиле на територијата на Општина Центар, односно 562 трансакции или за 2 % помалку во споредба со вториот квартал од 2026. Во Општина Гази Баба се регистрирани 514 трансакции или за 18 % повеќе во споредба со вториот квартал од 2026.

Во Општина Аеродром се регистрирани 465 трансакции, или за 23 % помалку во споредба со вториот квартал од 2026. Општина Карпош 408 трансакции, или за 16 % помалку во споредба со вториот квартал од 2026. Во Општина Куманово се регистрирани по 334 трансакции, или за 11 % повеќе во споредба со вториот квартал од 2026.

Најмал број трансакции се регистрирани на територија на Општина Зрновци и Општина Лозово по 9 трансакции, Општина Конче и Општина Македонска Каменица со по 7 трансакции, во Општина Центар Жупа регистрирани се 5 трансакции, во Општина Новаци 4 трансакции, во Општина Арачиново 2 трансакции и Општина Вевчани 1 трансакција.

На територијата на 45 општини во Република Северна Македонија се регистрирани трансакции во обем од 0 до 50, што претставува мал број трансакции за дадениот временски период. Тоа покажува дека има големо раздвојување на пазарот, односно општини каде што има развиен пазар и општини каде што пазарот на недвижности воопшто не функционира за овој период.