На улиците на Софија се спроведува пилот проект – првото електрично такси, а секој кој ќе успее “да го начека”, ќе се вози бесплатно. Иницијативата е на увозникот на Kia во Бугарија и такси компанија Yellow Taxi. Целта е да се провери дали електричната верзија на Kia Soul може да се користи како редовно такси во овој град. Слична кампања веќе трае во Њујорк, каде шест електрични автомобили ќе се тестираат во рок од една година, пишува софиски Дневник.
Kia Soul EV е првиот корејски целосно електричен модел со нула емисија на штетни гасови. Со едно полнење на батериите поминува до 212 километри. Целосно полнење на акумулаторите од стандарден штекер трае пет часа, а на станици за брзо полнење 80% од капацитетот можат да се обноват за 30 минути.
Автомобилот забрзува до 100 км/ч за 11,2 секунди, а максималната брзина е 145 км/ч.