Во Србија се произведува најскапото сирење на светот: Килограм чини 1.000 евра

199

На листата на најскапи сирења во светот на онлајн магазинот Chef’s Pencil се најде и сирењето произведено од Слободан Симиќ во природниот резерват Засавица, кој се наоѓа северно од Белград, во Србија. Сирење од магарешко млеко чини дури илјада евра за килограм. Со оглед на тоа што овие животни даваат многу малку млеко, процесот на правење сирење е многу комплициран. За еден килограм сирење се потребни околу 25 литри магарешко млеко, а сè се прави на рака. Годишно се произведуваат околу 100 килограми сирење.

Магарешкото млеко има само еден процент млечни масти, содржи 60 пати повеќе витамин Ц од кравјото млеко и има антиалергиски својства. Не треба да се занемари ниту големиот дел од протеини, калциум и омега 3 масни киселини. Поради својот состав, сирењето е популарно меѓу луѓето кои можат да си го дозволат. Се користи како лек за бронхитис и астма и разни други нарушувања за обновување на телото.

Освен по цената и составот, сирењето од Засавица е посебно и по финиот вкус, а се продава во пакувања од 50 грама. Сирење може да се купи на веб-страницата на резерватот Засавица, каде што може да се најде и сапун од магарешко млеко, како и алкохол и други производи, пишува Рunkufer.