Во земјава има 1,8 милиони претплатници во мобилната телефонија

24

Во последниот квартал минатата година бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 1.862.138. Регистрирани се 248.348 деловни постпејд претплатници, а од резиденцијалните 738.956 се при пејд, а 874.834 пост пејд. Вкупно бил реализиран сообраќај од 1.589.901.314 минути, од кои 2.788.020 кон мрежи во странски држави. Остварени се 829.783 минути сообраќај од претплатници на домашен оператор кои роамирале надвор од државата, покажуваат податоците на Агенцијата за електронски комуникации.

Во вкупниот број активни претплатници по тој основ во четвртиот квартал во 2020 година најголем удел има А1 Македонија со 49,76% пред Македонски телеком којшто бележи 47,12%. Лајка Мобајл има удел од 1,99%, Роби од 1,12%, а Греен мобиле од 0,01 %.

Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги на малопродажно ниво во последниот квартал лани најголем е уделот на Македонски телеком каде отпаѓаат 51,7 %, по што следи А1 Македонија со 47,02 п%, додека Лајка Мобајл има 0,40, Роби 0,87 %, Греен Мобиле 0,01 %, пренесува МИА.

Според извештајот на АЕК, бројот на претплатници со пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G, 3G, 4G) во последниот квартал лани изнесува 1.379 354. А1 Македонија со 51,71% е со најголем удел во вкупниот број на активни претплатници со пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа, додека уделот на Македонски телеком по тој основ изнесува 45,65 %, на Роби изнесува 1,51%, на Лајка Мобајл 1,11%, а на Греен Мобиле 0,01%. Во количината на сообраќај што ја оствариле претплатниците до интернет преку мобилна мрежа А1 Македонија има удел од 52,38 %, а Македонски телеком, 45,65%.

Во последниот квартал минатата година во фиксната телефонија се регистрирани 415.390 линии. Остварен е вкупен обем на телефонски сообраќај од 39.238.760 минути, од кои кон мрежи во странски држави 643.143 минути.

Анализата на АЕК покажува дека Македонски телеком со 53,21 % има најголем удел во вкупниот број фиксни линии во последниот квартал лани, А1 Македонија е со 38,78 %, додека Роби има 4,80 %, Неотел 2,56 % и Инфел нет плус од 0,60 %.

Фото: Freepik