Водечките потрошувачи на нафта ги надминуваат нивоата пред пандемијата

23

Потрошувачката на нафта се опоравува во некои од најголемите светски економии, на некои места дури и ги надминува нивоата пред пандемијата.

Побарувачката во Кина, најголемиот потрошувач на енергија во светот, ќе биде 13% повисока во четвртиот квартал од 2021 година отколку во истиот период во 2019 година, покажуваат податоците на консултантската фирма „СИА Енерџи“. Во исто време, продажбата на гориво во Индија продолжи да закрепнува во август, а побарувачката во САД за нафтени производи неодамна постави нов рекорд.

Ова подобрување на потрошувачката во двата азиски гиганти и во САД дава поттик на цените, кои се зголемени за околу 40% од почетокот на годината. Наспроти ова, групата ОПЕК + одлучи да продолжи со својот план за закрепнување, наведувајќи дека очекува пазарот да се „затегне“ до крајот на годината.

„Најлошото од азиската побарувачка за гориво заврши, и ќе видиме меко закрепнување на побарувачката за нафта во наредните месеци“, рече Сенгик Ти, аналитичар во СИА, со седиште во Пекинг. Според него, вкупната потрошувачка ќе биде поттикната од скок од повеќе од 20 проценти во користењето бензин следниот квартал во споредба со нивото на 2019 година.

Иако моторните горива го поттикнуваат закрепнувањето бидејќи се повеќе луѓе одат на пат по „локдаунот“, ситуацијата не е толку позитивна за некои од другите нафтени продукти. Потрошувачката на воздухопловно гориво останува помала поради недостатокот на меѓународни летови. Потрошувачката на дизел во Индија е намалена поради сезонските фактори, иако се очекува побарувачката во Кина да се зголеми за 4% во следниот квартал во споредба со 2019 година, според СИА.

Кај камионите и градежништвото, активноста во Индија обично се намалува од јуни до септември поради монсуните. Ова влијае на побарувачката за дизел – најпопуларното гориво во земјата, пред повторно да се зголеми на крајот на годината поради жетвата и празниците.

„Продажбата на нафта веќе го помина нивото пред Ковид, а дизелот најверојатно ќе ги стигне во следните два до три месеци“, рече Шрикант Мадхав Ваида, претседател на „Индиан Оил Корп.“, најголемата рафинерија во земјата.

Сепак, индиските рафинерии ќе имаат ограничен потенцијал да го зголемат капацитетот овој месец, бидејќи не можат да се справат со вишокот дизел, добиен од производство на бензин, рече Сентил Кумаран од консултантската фирма „ФГE“. Пресвртната точка може да биде во октомври, при што обемот ќе порасне на повеќе од 5 милиони барели дневно до крајот на годината.

Во исто време, обемот во Кина расте уште повеќе, при што кинескиот државен „Синопек“ рафинираше најмногу сирова нафта во изминативе 11 месеци, според податоците на локалната консултантска фирма „СКИ99“. Но, активноста во приватните рафинерии во провинцијата Шандонг е нешто повеќе од 70% од капацитетот поради владините ограничувања во овој сектор.

Сепак, во услови на извештаи од некои од најголемите азиски економии за десетици илјади нови случаи на коронавирус дневно, остануваат некои опасности.

„Ризикот од продолжување (на појавата на пандемијата) е загриженост што ја вградивме во нашите предвидувања, особено за преполните земји како Индија и Индонезија“, рече Чилин Чен, аналитичар во енергетската консултантска фирма Вуд Мекензи.

„Досега, најлошото за азиската побарувачка на нафта заврши, но ризиците остануваат“, рече таа.