Водич за успешен тим: Вклученост, меѓусебна доверба и достапност

29
stan-b
Стан Беиенс – извршен директор на Funke Digital TV и член на Одборот на директори на DVB во Ајндховен, Холандија

За предизвиците од водење на семејна компанија, следење на трендовите во технологијата и условите за успех зборува Стан Беиенс – извршен директор на Funke Digital TV и член на Одборот на директори на DVB во Ајндховен, Холандија. Според него, компаниската култура во неговата фирма се заснова на неколку важни вредности: комуникација, транспаретност, чесност и меѓусебна доверба.

БИ: Вие сте главен извршен директор на Funke Digital TV, компанија со долга традиција. Како успевате да ја одржувате компаниската култура низ генерациите?

Компаниската култура на Funke се заснова на низа вредности според коишто функционира нашиот персонал, а тоа секако се: отворена комуникација, транспарентност, чесност и меѓусебна доверба. Во компанијата, ние постојано работиме кон градење зголемена соработка и размена на знаења како вистински начин за постигнување на професионална и деловна извонредност. Сите вработени знаат дека сакаме да бидеме конкурентни на пазарот и да се грижиме за интересите на клиентите како да се наши, сопствени. Во секоја прилика го охрабрувам тимот да остане заинтересиран и секогаш подготвен за иновации. Тие треба да бидат во чекор со последните трендови на оваа индустрија, којашто постојано расте, се менува и каде стандардите за квалитет стануваат сè повисоки. Тоа го постигнуваме преку редовна посета на многу значајни настани од областа на радио и телевизискиот бизнис. Сепак, накратко би кажал дека овие три зборови се водилки за тимот на Funke: вклученост; меѓусебна доверба и достапност.

БИ: Каков е предизвикот да се следат најновите трендови во технологијата и да се имплементираат во пракса?

Како што кажав, Funke ги следи најновите трендови во технологијата преку присуство на разни врвни конференции и изложби, но исто така и преку поддршка и соработка со различни индустриски тела како EBU, ASBU, UAB, ABU, DVB, HbbTV, DTG, WorldDAB, а секако и со неколку универзитети.

БИ: Какви видови на производи нудите и по што сте препознатливи на пазарот?

Funke нуди висококвалитетни антени за дигитално радио и дигитална телевизија по прифатливи цени. Тие се направени според современи дизајнерски решенија врз таканаречениот принцип “приклучи и пушти“ (plug & play solution), со цел на крајниот корисник да се овозможи побезгрижно уживање во содржините што ги нудат радијата и телевизијата.

БИ: Што е неопходно за успех на една технолошка компанија – развој на човечки ресурси или инвестиции во технологија и иновации?

Би рекол дека е потребно вложување во човечките ресурси, но секако и зголемено инвестирање во технологијата и иновациите. Добрата политика за човечки ресурси може да се види во зголемената и подобрена тимска работа, транспарентноста и во поттикнувањето на вработените за создавање идни и побројни иновации. Ако се земат предвид таквите резултати, исплатливо е да се инвестира и во двете компоненти за подоброто функционирање на една компанија.

БИ: Кои се вашите цели и визија како прв човек на компанијата?

Како прв човек на компанијата, мојата цел е да ја поддржам радиодифузната индустрија како на меѓународно и национално ниво, што пак конечно ќе резултира со потрошувачи кои ја сакаат и уживаат во понудената содржина од страна на радијата и телевизиите.